Skip to content

Неповторлива

Таа беше сечиј тип девојка. Привлекуваше погледи без намера, но секогаш со намера ги избегнуваше очите со кои не сакаше да се сретне. Навидум полна со самодоверба, не ѝ беше јасно зошто го тргаше погледот од туѓите очи вперени во нејзе. Можеби не сакаше да биде заробена од туѓ поглед кој можеше да ѝ остане засекогаш врежан во сеќавањето.

Чекореше со бавно темпо како цело време на светот да е под нејзина контрола. Никаде не се брзаше, никој никаде не ја чекаше. Посакуваше кога ќе се врати да има кому да го раскаже денот, но единствен придружник ѝ беше сопствената сенка. Не беше осамена, само чувстуваше некоја неописилива празнина. Не знаеше дали некогаш ќе успее да ја пополни.

Спротивно на тоа, имаше чувство на една комплетност, духовна исполнетост и хармоничност со себе. Затоа можеби оваа девојка повеќе би останала сама засекогаш наместо да биде покрај некој со кој не може да ја дели комплетноста. Таа не бараше некој да ја комплетира, не бараше некој со кој ќе биде комплетна. И самата беше доволно едноставно-компликувана, но потполна. Ѝ требаше некој со кој ќе ги делат комплетностите и заедно ќе исполнат уште еден нов нивен комплетен свет.

Дури и по цена никогаш да не го доживее тоа, не се откажуваше од својата замисла, од нејзините идеали и трпеливото чекање. Оваа девојка можеше сама да чекори по светот без страв дека така ќе го помине цел живот. Беше како храбар воин кој успешно се спротивставуваше на животните неприлики и борби. Смелоста и упорноста беа секогаш на нејзина страна. Ако некој не беше доволно смел, никогаш немаше да ѝ пријде.

Можеш да ја замислиш онака како што посакуваш, како изгледа, колку е висока, каква ѝ е косата, каква ѝ е ставата, каква боја ѝ се очите. Ваквата девојка можеш да ја пронајдеш во секоја жена надвор. Тие се препознаваат по нивната заедничка карактеристика: „кога еднаш ќе ја видиш, не можеш да ја заборавиш“.

Запомнета во туѓите сеќавања, само одбраните имаат можност да бидат дел од нејзиниот свет. Одбраните се оние кои таа ги одбира, некогаш слепо следејќи го инстинктот, а честопати во склад со срцето и разумот. Одбраните не се љубовници, тие се дел од нејзиното опкружување, луѓето со кои доаѓа во комуникација, со кои соработува, разменува мислења. Ваквата девојка со текот на времето станува пребирлива и со голема тешкотија прави избор. Она по што е специфична е фактот дека секогаш мора да се слуша себеси, дури и кога не е сигурна во својата одлука.

Спремна е да им се спротивстави на сите што не се согласуваат со неа само ако смета дека е во право. Цврсто го брани својот став, но знае и да се извини ако сфати дека згрешила. Неповторлива, безвременска, незаборавна и секогаш запомнета. Девојка која секој би посакал да ја има до (покрај) себе, а всушност е ничија, туку само своја.

Н.Н

Напишете коментар