Немам мерка, ама за ништо немам мерка.
Или пијам или не пијам.
Или јадам или не јадам.
Или сум разумна или тотално го губам умот.
Или сум љубоморна или не ми е гајле.
Или ти пишувам или те прескокнувам.
Или те сакам тебе и сите твои или прескокнувам сѐ твое.
Драматична сум, екцентрична сум, живеам во свој свет, со свои принципи и правила, ама ако ми значиш во секунда можам да ги изменам, да ги препишам, да се направам дека не ги гледам.
Ако сакам, не сакам до пола туку сакам на оној “петнаести век сме и далеку сме и ми фалиш и сите писма тебе ти ги пишувам и се плашам дека ќе умрам од тага ако не те видам” начин.
Често сонувам, тешко избувнувам, воопшто не зборувам, ама слушам. Секогаш и секого слушам.
Тежок човек сум и не се отварам.
” Те сакам” само можам да запишам ама затоа
“Чувај се.
Јадеше?
Стигна?
Ѕвездо.
Будало.
Брат.
Дадо.
Фамилијо. ”
Ми се добра замена.
Ама ако треба понекогаш и “Те сакам” го корнам од душава. Зависи за кого како.
Тежок човек сум и немам мерка, ама еднаш прифати ме и ќе ти ја тргнам секоја тежина, секоја препрека или па ако не успеам, ќе пробувам и пробувам додека светот од корен не го сменам.
Од “Дневникот на една будала”
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.