На денешен ден, 22 декември 1952 – ра година починала познатата српска писателка Милица Јаковљевиќ – Мир – Јам. Нејзината смрт не е забележена ниту во еден весник и таа умира како сиромашна учителка незнаејќи колкав бум! нејзините дела ќе направат за неколку години на Балканот. Се знае дека на почеток на зимата 1952 година добила запаление на плуќа, и умрела на 22 декември, со извалкано име и дело. За нејзиниот личен живот не се знае многу. Таа останува сама (претпоставуваме поради некоја несреќна љубов), живее скромно, обожува театар и кино и покрај учителствувањето пишува и за весник.
Според сеќавањата на глумицата Невенка Урбанова, Милица Јаковљевиќ била убава раскошна русокоса. Зборувала руски и француски јазик. Детството и младоста ги поминала во Крагујевац. Завршила Виша женска школа во Белград, каде се школувала за учителка. Од 1906 до 1919 година работела како селска учителка.
Се зборува дека нејзиниот роман “Во словенските гори” е автобиографски, но тоа никогаш не е потврдено.
Мир-јам е наречена српската Џејн Остин
Денес ја нарекуваат српската Џејн Остин и со право. Романите на Мир – Јам иако “лимонади” сепак успеваат секој нивен читател да го натераат да чувствува, па дури и читајќи да навива за главните ликови и за нив да пушти понекоја солза. Во изминатата деценија од неколку нејзини романи беа снимени ТВ – серии. Иако доживеаа огромен успех сепак, наспроти оној на книгите може да се каже дека е минимален. Секоја нејзина книга го содржи она предвидливото, пар кој се вљубува и она непредвидливото, препреката која парот треба да ја помине. Тука влегуваат во игра крими елементи, семејни трагедии, љубомора, но и надеж дека љубовта секогаш на крај победува.
Мир-Jам се залагала и за женските права. Во времето кога повеќето жени биле необразовани, таа се борела за родова рамноправност. Во текстот „Треба ли да се направи споменик на жената”, се залагала да се признаат талентите на жените.
Новинарската кариера
После Првата светска војна, се преселила во Белград и започнала новинарска кариера во дневниот весник „Новости”, а потоа во „Неделни илустрации”. Милица ја започнала новинарска кариера на 1 јануари 1921 година и работела без прекин до 6 април 1941 година. Првите пет години ги поминала во „Новости”, а наредните 15 во „Неделни илустрации”.
За време на Втората светска војна, која ја минала на работ на сиромаштија и беда, Милица Јаковљевиќ во 1941 година одбила да соработува во окупациските дневни весници „Ново време” и „Обнова”, под изговор дека е уморна и стара, а всушност не сакала да го извалка својот и образот на братот Стеван, мајор во кралската војска во заробеништво.
Во 1945 година, се обидела да ја продолжи новинарската кариера во „Глас“, весник кој продолжил да излегува во Белград по ослободувањето. По војната, од 12 жени новинарки, три не ја дочекале слободата, една била осудена на робија поради соработка со окупаторот, три престанале да се занимаваат со новинарство, и само пет жени новинарки во 1945 година продолжиле со работа, меѓу кои и Милица Јаковљевиќ.
Го губи статусот на новинар
Според тогашните правила на Здружението на новинари, новинарот кој не работи шест месеци како новинар, го губи статусот новинар. Така, Милица Јаковљевиќ го изгубила статусот новинар, бидејќи не успеала да биде во чекор со потребите на новинарскиот занает во „Глас“. Од пет новинарки таа била најстара. Здружението на 14 декември 1945 година ја избришало од списокот на новинари. Мир-Јам, искусен новинар и публицист, во 1945 година залудно се обидувала да се вработи.
На седница на Сојузот на писатели на Југославија, Оскар Давичо ѝ потпишал професионална осуда: „Некои другари не пишуваат борбено, онака како што бара нашата реалност. Не пишуваат комунистички, туку пишуваат буржоаски сентиментално, како Мир-Јам.“ Молбата за вработување ѝ била одбиена, бидејќи имала долг прекин во работата како новинар. Било преќутено тоа што „прекинот” се случил затоа што Милица одбила да работи во окупаторските весници.
Стеван Јаковљевиќ, нејзиниот брат кој бил ангажиран во новата власт, успеал да ѝ обезбеди само мала пензија. По војната до крајот на животот, Милица Јаковљевиќ живеела бедно. Новата власт ја отфрлила без објаснување.[1] „Рехабилитирана” била дури во 1972 година, со поставување на претставата „Ранет орел” според нејзин роман.
Расправа за авторските права
Во 1972 година, роднините кои сметале дека ги имаат нејзините авторски права, се изненадиле кога бившиот белградски книжар Иван Веселиновиќ се појавил со договор од 1946 година, со кој Милица Јаковљевиќ му ги препишала сите авторски права. На задната страна од документот, Мир-Јам напишала благодарност до својот „анѓел чувар” Веселиновиќ, кој ѝ дал „пари да купи јаглен” за да не замрзне. Во расправата за авторските права се вклучила општината Стари град, која своевремено извршила национализација на претпријатието на Веселиновиќ, со што му ги одзела и сите договори. Така, општината станала наследник на авторските права на Мир-Јам, од кои роднините добиле дел.
Не ѝ била оддадена достојна почит после смртта
Веста за нејзината смрт не ја објавиле весниците. За разлика од Џејн Остин, со која ја споредувале, а чија куќа била претворена во музеј, куќата на улица Молерова во Белград, во која живеела, работела и умрела Милица Јаковљевиќ, била урната. Никаде нема спомен плоча, биста, ниту улица со нејзиното име
Нејзините романи ги вклучуваат: “Ранетиот орел”, “Непобедиво срце”, “Гревот на нејзината мајка”, “Беше тоа една ноќ на Јадранот” “Киднапирање на еден маж”, “Мала сопруга” и многу други.
Една е од трите жени, меѓу сто најзначајнији српски новинари кои се споменати во монографијата за два века на српското новинарство (1791-1991).
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.