Ќе му простиш ли на душава што не те забележа?
Седам во паркот кај што порано игравме
некако посакав спомените да ги премотам,
ти текнува кога гледајќи ѕвезди заспивавме?
Никогаш нема тие моменти да ги прежалам.
Многу грешев јасно ми е,
врвот беше кога ги спакував куферите…
Мислев дека ќе се среди сè ако заминам,
дека ќе те ослободам од себе ако не ти кажам колку уствари те има во мене.
Сепак, јас и ти бевме од различни светови,
твојата душа изградена од ѕвездена прашина,
мојата од крпени делови.
“Црни желби твои искрени,” ми велеше насмеано
“Зошто не застанеш на светло? Прашуваше.
Се смеев, подголтнував на тие прашања,
Камо тогаш да знаеше што ми тежеше на душава,
Па да разбереше сè што не ти кажував, да знаеше наместо да прашуваш зошто во темнина тагувам.
“Ајде, штом во виното е вистината…
Не излагам на светло зошто светлото ќе го украдам,
ко на Сонцето Месечината,
ти се допаѓа ли идејата за човек што живее и е мирен во таа своја темнина?” замолче.
Се раздени и таа вечер,
и таа вечер сонцето в зори повторно изгреа,
и таа вечер храброста ми избега…
Знаеш, да можев сега муабет да ти направам,
ќе ти кажев дека и да си на врвот на Емпајер Стејт Билдинг не е важно,
кога местото до тебе е празно,
и сјајот на Оскарите е лажен,
кога на тој проклет подиум не можеш едно име да кажеш,
и по некое време сè бледи,
сфаќаш дека сè што вреди, една ѕвездена вечер во паркот останало,
и сега е покрај сите блицови и рефлектори ти е студено.
Животот ти замрзнува оној миг кога одлучуваш да побегнеш од она што ти е судено.
И еве сум затоа во паркот,
дотрчав назад ко роб со осудата за слобода во рака,
седнав на клупата стара и останав цела вечер, до денеска,
нема ни да помислам со кого вечер ќе ја чекаш Новата Година.
Ќе му простиш ли на душава…?
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.