Skip to content

Твоја ќе сум – Лина Димоска

И сите ружи на светот да ми ги дадат,
не вреди,
јас пак кај тебе ќе дојдам,
иако цвет не си ми дал,
иако цвет не ми си набрал,
иако ни зумбул не си ми скинал.

И сите палати на светот да ми дадат,
не вреди,
јас пак кај тебе ќе дојдам,
макар и во колиба,
дури и улица,
под ѕвезите,
под небото,
под сонцето,
оти кај тебе ми е најубаво,
оти кај тебе ми е најтопло.

И најубавата поезија на светот да ми ја посветат,
не вреди,
јас пак кај тебе ќе дојдам,
ако стих не ми си напишал,
ако стих не ми си посветил,
ако стих не ми си испеал,
оти таму ми е душата,
оти таму ми е погледот,
оти таму ме чека прегратка,
силна,
топла,
цврста.
Кај тебе ме чека прегратка
која знам дека нема да ме пушти
никогаш.

И да речат дека цел свет е мој,
залудно е,
јас пак кај тебе ќе дојдам,
оти ти си мојот свет,
а јас твојот,
сега и засекогаш.
Твоја ќе сум!

Напишете коментар