Му се причини дека долгите години кои ги мина без неа ги снема. Долго време живееа одвоено, а нему му се чинеше дека се разделија вчера, а дека пак се споија денес. Уште еднаш, Петра се почувствува како млада девојка. Пред себе го гледаше него, својот Војдан.
Се разбира, Војдан беше сменет. Минаа толку години. Но тој не можеше да престане да гледа како силуетата на Петра чекори кон него. Во тие мигови забораваше на сè. Не можеше да верува дека оваа жена не се менува, туку напротив. Станува поубава. „Си станала поубава,“ ѝ рече. Сакаше да ѝ даде до знаење дека тој ништо не заборавил.
Очите, како порано, му блескаа додека ја гледаше и додека разговараше со неа. Како во нивната младост, така и денес шетаа по градските улици, разговараа и разговараа. Не можеа да престанат да зборуваат. Војдан сакаше да ѝ каже сè на Петра. Ѝ објасни сè во врска со девојката со која претходно го гледаше. „Ќе ти признаам сè, можев многу жени да љубам, но се будев единствено со помислата на тебе.“
Ниту Петра не се чувствуваше поинаку. Со својот сопруг основа семејство, но имаше едно чудно чувство во неа кое постојано ја прогонуваше. Беше тоа една празнина. Голема празнина и една чудна мисла, дека целиот нејзин живот е едно големо промашување. Дека се лаже себеси дека е среќна и дека единствено нешто што сака да види пред себе се зелените очи на Војдан.
Војдан се оженил со првата убава девојка на која наишол, после разделбата со Петра. Така барем таа разбра од она што тој ѝ објасни. Нему не му беше гајле за мажите кои биле во животот на Петра. Му беше важна само таа. Знаеше дека не може да сака ниту една друга освен Петра. Не се грижеше воопшто за институцијата брак. Повеќе сакаше да го прошета светот со неа.
Петра и Војдан беа заедно неколку месеци после матурата. Но тој мораше да замине на работа во странство. Потоа патиштата им се разделија. Петра се омажи со непознат човек, а Војдан ја запозна својата поранешна сопруга. Двајцата, на некој начин, си ги запечатија судбините. Беа несреќени. Барем додека пак патиштата не им се споија, до пред неколку месеци. Сега двајцата чекаа конечно да им завршат процедурите за развод за повторно да можат да бидат среќни. Ретко кој на таа возраст е храбар како нив. Човек може да им позавиди на храборста, но и на лудоста.
Си ветија еден на друг дека веќе никогаш нема да се разделат. Одеднаш нивните животи добија смисла. Смисла што двајцата долго време ја чекаа, а се криеше длабоко во нивните души – љубов. Одеа на местата каде што беа млади. Со часови шетаа низ парковите, држејќи се за рака. Сакаа да си надоместат еден на друг за секој минат миг. Сакаа да доживеат сè одново. Сакаа да создадат нови мигови еден за друг. Знаеа дека за љубов никогаш не е доцна. Барем не во овој живот.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.