Без трошка сомнеж, Харуки Мураками е еден од најценетите писатели на денешницата. Неговите книги се преведени на повеќе од 50 јазици и имаат доживеано неверојатен успех во секоја држава каде што се издадени. Иако со години е апсолутен фаворит за Нобеловата награда за книжевност, оваа престижна награда никако да стигне во неговите раце. Но, тоа не го менува фактот дека целосно ја заслужува.
Џез музиката зазема посебно место во неговиот живот
Покрај книжевноста, џез музиката има посебно место во животот на Мураками. Неговата прва средба со џезот се случила во 1964 година, кога тој имал само 15 години. Таа година како роденденски подарок добил карта за концертот на Арт Блекеј и Jazz Messengers, настан којшто го дефинирал неговиот музички вкус.
За време на студентските денови, Мураками работел во музичка продавница, опкружен со бројни грамофонски плочи на најдобрите џез музичари во тоа време. Кратко по напуштањето на студиите по драма, заедно со неговата сопруга и љубов од студентските клупи – Јоко Мураками, во Токио отвориле и свој џез бар кој го именувале „Питер Кет“, катче кое станало култно збирно место на сите љубители на добрата музика.
Овој драг јапонски писател зборува со посебни чувства за тој период од неговиот живот:
„Работев напорно, заштедив пари, позајмив многу пари од пријатели и роднини, а кусо по напуштањето на универзитетот отворив мал џез клуб во Токио. Дење служевме кафе, а навечер пијалаци. Исто така, послужувавме и многу едноставни оброци. Постојано свиреа плочи, а за време на викендите млади музичари свиреа џез. Вака издржав седум години. Зошто? Од една едноставна причина: тоа ми овозможи да слушам џез од утро до вечер.“
Спој на музика и пишување
Тој вели дека сѐ што знае за пишувањето, го научил од музиката. Исто како што Телониус Монк, неговиот омилен џез пијанист, со неверојатна умешност создавал нови музички креации од веќе постоечките ноти, така и Мураками научил како да им дава нови значења на навидум обичните зборови. Сѐ што треба да направите е да се препуштите на имагинацијата и таа ќе ве доведе до некои нови, неоткриени светови – реални, но со доза магија. Затоа и ден-денес музиката е нераскинлив дел од неговиот процес на пишување. Мураками секогаш слуша музика кога пишува, а неговата домашна колекција брои повеќе од 10.000 грамофонски плочи.
Мураками има напишано и две збирки есеи „Џез портрети 1“ и „Џез портрети 2“, есеи во кои дава свое критичко мислење за неговите омилени џез албуми. За жал, овие книги се достапни само на јапонски јазик. Но, ако ништо друго, универзалниот јазик на музиката ни дозволува да уживаме слушајќи ги албумите коишто се споменуваат во книгите.
Плејлистата со песни кои се спомнуваат во книгите е на овој линк.
Катерина Стевовска