Овој есеј освои прво место во категорија I на учесници под 18 години. Прочитајте го во продолжение!
Еве ме мене на самиот влез. Пред големата порта на животот, како уште јас да фалев на овој суров свет. Еве ме, брзам и јас да понесам товар во целиот општествен хаос. Ја отворам тешката порта, а пред мене бездна што едвај се задржав да не паднам. Гледам многумина безгрижни и полни со надеж залетани паднаа во длабочините без дно проследени со врисоци кои тонеа некаде длабоко во длабочините. Се задржав незнам каква среќа или несреќа сум имал. Но, јас се чувствувам како млад војник кој се впуштил во ужасот на суровата војна, незнаејќи што го очекува, во општество каде зборовите и реалноста не се совпаѓаат.
Велат: ,,Денот по утрото се познава”, но какви се нашите утра за време на пандемијата? Оттуѓени, осамени, без зборови и идеи. Страшен песимизам кој ме гуши. Општество полно со неволји, зар уште една надвиснала над нив ? Некаков вирус – велат, кој не одбирал каде ќе преспие, и каде ќе раздени. Разни муабети: политика, вистина, паника, не е страшно.
Но сведок сум дека луѓето умираат. Дали да зборувам за короната за време на новогодишните празници, или да се осврнам на новогодишните празници за време на короната? Постојано новини кои доаѓаат од медиумите, забрани и препораки. Движам по празните улици, додека маската е на мене. Штити од вирусот, но повеќе од самиот студ. Дали студот кој навестува на зимата, или оној кој се вкоренил од осаменоста? Сепак, дојде време кога маските ги изедначуваат богатите и сироомасите, впрочем, со маските веќе сите сме исти, иако и пред тоа бевме. Луѓе. Во своите мисли направив патување. За тие патувања ми требаа и наочари, па земав и очила. Скокав околу новогодишната елка, неуморно. Скокав сè додека мојата радост не ја прекинеше сонот. Масата полна со јадење и пиење.
Топлата распламтена печка моќно му пркоси на студот. Еуфорија, подготовки, излегувања со најблиските. На среќата ѝ немаше крај. Со крајот на окото го забележував загрижениот лик на татко ми. Но, сето тоа беше минливо. Ги тргнав очилата и се запрашав дали бевме среќни и што недостасуваше? Брзиот начин на живот до некаде ни наметна живеење без чувства, додека сега, каде поголем дел од времето го поминуваме дома, изолирани и со своите најблиски, чувствата повторно поигруваат со нас. Сите оние лажни насмевки и поздравување веќе згаснаа.
Оваа година новогодишните празници ќе ги посветам на своите најсакани, а верувам и останатите. Оваа година ќе се собереме на нашата скромна трпеза, смеејќи се и заборавајќи на короната. Ќе почекаме да отчукне 12 по полноќ. Оти верувам дека нешто ќе се промени.
Излегувам надвор. Студ, голем студ. Се вовлеков под една замрзната стреја на една куќа. Седнувам. Студот ме сече. Немам кибритчиња да палам, а и кога би имал не би палел. Се опуштам на волчешките заби на студот. Разабени усти, над мојата глава. Нека ме изџвакаат веднаш. Ќе ги најдат утре рано моите остатоци, нека речат што сакаат ако сакаат нека ме сместат во списокот на корона-жртви. Ако останам жив ќе веувам во промената на луѓето, верувам во заминување на страшниов вирус.
Верувам во сплотеноста и човечноста која ќе ја краси наредната година. И за крај, верувам дека новата година ќе биде подобра, како за мене, така и за останатите.
Елмин Елези
Ментор: Стефани Србиноска