Skip to content

Цутот на дивите јагоди – Софија Величковска

  • by

Ќе дојде денот кога

ќе се расцутат,

кога како бујни црвени коси,

ќе се распространат низ шумата,

мистично ќе замирисаат во

мојата прекрасна градина.

Кога ќе дојде тој ден,

ти не барај од мене да

ги наберам,

те молам не барај ми

ниту твоето омилено

слатко со нив да го направам,

не барај од мене

тие вкусни диви јагоди

во сурово затишје да ги заробам.

И знаеш..

Понекогаш си велам..

Јас не успеав да ги сочувам од тебе,

не ја спасив нивната невиност,

ги фрлив во тие твои усни

кои пепел прават сè што ќе вкусат.

Јас толкава градина со диви јагоди

тогаш самата ја одгледував,

а ти бесно ја уништуваше нивната убавина,

блудно фрлаше, сееше и полеваше

полн багаж разнолики отровни супстанции.

Така ги успиваше,

така крвожедно го цицаше

нивниот црвен сок,

така ја цицаше нашата резервна љубовна

напивка,

така ги забораваше деновите

кога требаше да ги береме и да создаваме

уште љубов,

уште среќа,

уште песни да пишуваме,

уште слатко да правиме.

Уште приказни да редиме,

уште бакнежи да сложуваме,

да, ти заборави кога требаше

да го славиме денот на дивите јагоди,

јас сè уште не,

јас сè уште самата си ја кршам

таа агонија на вкусни приспивни

јагоди кои се дел од тебе,

дел од мене,

дел од нас,

а сепак никогаш повеќе

нема да се спојат,

ниту да се вкусат,

нема да се допрат,

ни да се разделат,

веќе нема да се расправаат

кој да ја изеде најубавата,

затоа што тие нас нè голтнаа

како да сме ситни шеќерни трошки,

можеби  сме,

можеби е подобро

сама да ги одгледувам чудотворните

плодови на нашето минато.

Софија Величковска

Напишете коментар