По природа, срамежлива, тајна, молчалива
Пред друг, понекогаш тивка, согорена
Некојпат, ѕунлива, расприкажана.
А неретко и збунета, ладнокрвно прикриена.
Те видов изгужвана како кошула.
Испреплетена како пајажина.
Те забележав, собрана како теснец меѓу две копна.
Разбранувана како немирно море.
Сфатив. И таква си можела да бидеш.
Но, подлабоко ти си повторно
Сјајна. Бистра како стаклено-смрзнатата вода.
Енергична до искри трепет.
Жилава, јака до некинење.
Мила, љубена, тивка до сржта своја.
Згреена од милост и нежност.
Затоплена од некој топол бран.
Дајте ѝ вода, да порасне
Дајте ѝ љубов, да се нахрани
Дајте ѝ плодно семе, да изникне.
Дајте ѝ го компасот, сама да ве води.
Згрејте ја. Омекнете ја. Разнежнете ја.
Кажете ѝ дека ја негувате.
Ако ја разголиш, велат ќе прозбори.
Ако ја разиграш, ќе растрепери.
Ако ја разбудиш, ќе оживее.
Ако ја погалиш, ќе ти се насмее.
Елена Ангелеска