Оваа романтична комедија е за фамилија која заради работа заминува во Париз, за двајца млади кои се подготвуваат за венчавка и за искуствата кои ќе им го сменат животот. „Полноќ во Париз“ (Midnight in Paris) ја слави големата љубов на младиот Гил кон Париз.
Низ филмот континуирано се истражува човечката илузија за тоа дека ако се живее во друго време можеби нашиот живот би бил поубав. Ликот на Гил може да се толкува како лик на занесен, носталгичен млад писател кој е воодушевен од Париз. Во своите ноќни лутања низ романтичните улички на Париз, Гил ќе успее да се сретне со главните актери од златното време на Париз од 20тите години на минатиот век. Во друштво на Хемингвеј, Елиот и Фицџералд ќе ги посети култните места на Париз. Ќе се дружи со Пикасо, Дали и нивните љубовници.
Во овој филм, Вуди Ален, прави една временска разгледница на Париз. Ова е еден од оние филмови кои делува како мелем за душата. На почетокот сме почестени со прекрасни глетки од Париз. Потоа имаме шанса да влеземе во врземенската машина и заедно со Гил да патуваме низ времето. Ако и вие сте љубители на Париз, а особено сакате да ѕирнете во Париз од 20тите години на минатиот век, овој филм е дефинитивно за вас.
Костимографијата, сценографијата, дури и самите актери кои ги толкуваат Хемингвеј, Дали, Пикасо, Фицџералд наликуваат и потсетуваат на оригиналите. Музиката, гламурот и светлата во филмот за момент ќе ве вратат назад и ќе ве натераат да се запрашате „Дали навистина би се снашол подобро во некое друго време?“.
Пораката на филмот е јасна. Дури и ликовите кои живеат во златната доба на Париз мислат дека подобро би се снашле во минатото. Минатото им изгледа поубаво, поромантично, им предизвикува повеќе восхит. На самиот крај се сфаќа идејата на филмот. Сечија сегашност е малку горчлива и досадна затоа што можеби и самиот живот е таков. Можеби времето не постои, можеби луѓето засекогаш се заробени во добата во која живееле. Некои мислат дека подобро би се снашле во други времиња, но дали навистина е така?
Прочитајте што е „Тоа“ од Стивен Кинг.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.