Морски бранови нè покриле
ко килим врел,
врескам,
а излез никаде нема,
пелтечам и молам,
а во канџи на орелот сум.
Боже,
каде ли е она чудотворно
спасение кое тивко
нè исфрла на брегот,
каде ли е онаа торба во
која ги ставав украдените зборови,
кади ли е коферот
во кој ги пакував моите измислени
треперливи реченици,
реченици кои извираа
како мало бистро поточе
кое везден си жубореше во подножјето
на планината,
со што ли ја заслужив прекумерната
страст и пристраст за хартија,
со каков магнет ме привлекува,
колкава ѝ е јачината,
зошто ме опива
без да ми даде напивка,
зошто ме навлече да бидам крадец на зборови,
зошто ме тера да ги вкусам сите магично
расфрлани букви во нашата азбука,
ах,
како ли само манипулираат со мене,
како ми се вртат во мозокот,
како ми го плеткаат јазикот,
како душата ми ја топлат,
како ли?
Ова не е бајка бела,
ниту пак исцелување на болки во
градите,
не е космичка грешка
ниту пак некаква си казна
која јас ја заработив,
ова е бакнеж кој долго сум го сонувала,
ова е тетратка, стара,
врз неа истурено кафе,
прашинка на корицата,
полна со поемски приказни,
исполнета со срца ѕвонливи,
припаѓа на мене,
припаѓа на овој крадец на зборови.
Ова е нуклеарно експлодирање
на песни,
пукнатина на замрзнато езеро
во кое гледаме две-три риби како
се превртуваат, скокаат,
филмско сценарио во кое
главниот актер
сум всушност јас,
крадецот,
таинствен прикраден,
а сепак силен,
борбен и искрен!
Виното не е вкусно
ако потајно не крадеме голтка по голтка,
зборовите нема да се вечни
ако не ги крадеме за убави песни!
Софија Величковска