Skip to content

Грев

Знаеше дека е грев дури и тоа што мисли на него. Ама грешна беше. Грешна беше оти не можеше од мисли да си го извади. Многу мудар бил тој што рекол дека забранетото овошје е најслатко. Во право бил. Од безброј работи што ѝ беа дозволени, таа го избра токму него. Забранет, мрачен, тмурен, а толку светол што само од него душата ѝ се оветлуваше.

Нејзиниот сопатник беше нешто друго. Таа го сакаше само него и за ништо на светот не би го сменила. Ама овој, забранетиот, можеше слободно да рече дека не го сака. Не го сакаше. Воопшто не го сакаше. Ама чувствуваше нешто друго кон него. Нешто многу силно, дури и посилно од сакањето. Нешто што само еднаш во животот се чувствува. Нешто како магнет ја влечеше кон него. Тој со поглед ја трескаше од земја, а со допир ја вивнуваше во ѕвездите. Мораше да си признае себеси дека беше негова. Нему му беше туѓа, а негова беше.

Имаше некаков длабок глас, див и длабок глас од кој таа брзо стана зависна. И не се грежише. Престана да се грижи и дали ќе ги откријат оти душата ѝ се вгнезди во неговите прегратки. И тој не беше рамнодушен кон неа. Во неа најде жена каква што до тогаш не сретнал. Таа разбираше сè, уште пред тој да каже нешто. Со неа можеше да разговара за сè, до бесконечност. Исто како што можеа да молчат гледајќи се в очи, или да се бакнуваат, или да водат љубов до бесконечност. И знаеше дека е нејзин. Иако никогаш немаше да му дозволат да биде нејзин, понејзин од него немаше.

Секое утро се будеше, а таа беше со него, оти в мисли му беше. Секоја ноќ заспиваше со неа, оти таа в постела му се тркалаше. И немаше ниту подива, ниту покротка жена од неа. За него таа беше две крајности, најдива ѕверка и најкротка срна и затоа брзо под кожа му се пикна. Уште пред да забележи, уште пред да почне да мисли на неа.

Имаа тие нивни мигови. Мигови кои беа нежни како нејзините бедра. Мигови кои мирисаа силно како неговиот машки парфем. Мигови кои ги освестуваа како силно утринско кафе. Мигови, чисти како капка роса, но и бесни, нечисти мигови кои умот ќе ти го поматат. Во тие мигови и двајцата беа сеќни. Само во тие мигови беа навистина среќни. А зарем има поголем грев од среќата? Има ли?

Лина Димоска

Напишете коментар