Skip to content

Три знаци за скриена психопатија

Далеку од тоа дека сите психопати се криминалци. Некои дури и не знаат дека ги исполнуваат критериумите за оваа состојба.

Во 2005 г. 58-годишниот научник при калифорнискиот универзитет Ирвин, неврологот Џејмс Фалон, гледал во мозочните скенови на сериски убијци и оние на членови од неговото семејство, за две различни истражувања, кои ги спроведувал. Се случило така, што скеновите од двете истражувања во исто време се нашле на неговото биро. Кога погледнал и во едните и во другите, забележал нешто запрепастувачко. Мозокот на еден член од неговото семејство бил практично идентичен со мозоците на криминалците.

Открив нешто, осознавајќи дека тој скен е очигледно патолошки“, вели д-р Фалон. „Кој беше психопатот во моето семејство?“

Кога Фалон проверил кому му припаѓа скенот, силно се запрепастил. Тоа бил неговиот скен. Колку повеќе истражувал, толку повеќе се уверувал дека е така. Фалон е експерт за мозоци, кој го пренебрегнал фактот дека сиот свој живот бил психопат. Целата приказна ја објаснува во своите мемоари Психопатот во мене.

Д-р Џејмс Фалон

Како е можно такво нешто?

Благодарение на Холивуд, склони сме да ги замислуваме психопатите како криминалци што масакрираат со ножеви. Но, науката покажува дека некои високофункционални психопати тешко може да бидат препознаени. Уште повеќе ги комплицира работите фактот дека некои психопати и не знаат дека ги исполнуваат критериумите за оваа состојба. Фалон, и покрај својата професија, е еден од нив.

Некои психопати се откриваат изненадувачки тешко. Дали и вие сте, можеби, скриен психопат? Фалон објаснува дека психопатијата е прилично нејасно дефинирана од психолозите и се преклопува со некои други состојби. Како, на пример, нарцизисмот и антисоцијалното пореметување на личноста. Понатаму уште повеќе збунувачки е фактот дека многу психопатски црти, како манипулативноста и немилосрдноста при постигнување на целите, може да бидат корисни во градењето кариера. Освен тоа, тие црти постојат на еден цел спектар. Може да се манифестираат силно и слабо.

Земајќи го сево ова предвид, некои луѓе што ги исполнуваат тие критериуми, функционираат прилично добро. Никогаш не ве тераат да помислите дека се некаде во спектарот на психопатијата. Но и покрај тоа, тие ги исполнуваат критериумите за психопатија. Ако од некоја причина почнат да се истражуваат себеси, може кај себе да ги воочат своите психопатски црти. Дали ги исполнувате следниве критериуми?

Со години скриено држење лутина

„Прашав еден психијатар што го познавам долги години, околу не толку очигледните однесувања што се сметаат за психопатски. Тој ме праша дали сум одмаздлив и враќам мило за драго“, објаснува д-р Фалон.

Излегло дека Фалоновиот начин на справување со гневот е класично психопатски. Секој понекогаш се лути, зар не? Некој ви оди на нерви и збеснувате. Може да збесните за 5, 30 или 60 секунди, што е сосема нормално. Потоа серотонинот стапува во акција и за околу 5 минути се смирувате. Мозоците на психопатите функционираат многу поинаку, дури и кај оние скриените, високофункционалните. Ја држат лутината со месеци, па дури и со години, но никој не го забележува тоа.

„Кога ќе се разгневам, не го покажувам тоа. Можам да бидам гневен на вас, и никогаш да не го дознаете тоа. Јас не го покажувам гневот. Може да го држам година, две, три или пет. Но на крајот ќе ви вратам, секогаш го правам тоа, и луѓето не знаат што ги снашло. Мојата одмазда не може да ја поврзат со ниедна случка и ги спопаѓа како од никаде“, вели д-р Фалон.

Ако се пронаоѓате во ова, можеби сте скриен психопат.

Вешто дистанцирање од обвинувањата

Психопатите не чувствуваат вина. Ги обвинуваат другите луѓе или околностите кога работите тргнуваат на лошо. Но, високофункционалните психопати индиректно се оградуваат од обвинувањата. Навидум ја прифаќаат одговорноста за нешто, само за да го асоцираат со некоја друга случка. Значи, наместо директно обвинување, високофункционалниот психопат може да создаде убедлива приказна. И да објасни зошто настаните или околностите надвор од негова контрола се виновни за штетата што можеби ја нанел.

Етика -да, но не и морал

Ако ги набљудувате психопатите, сфаќате дека ги знаат правилата и тоа веројатно подобро од останатите. Тоа значи дека не секогаш се однесуваат измамнички. Но, тие немаат чувство за морал. Немаат грижа на совеста. Ако забележите некои нивни однесувања, ќе сфатите дека направиле нешто бесмислено, од чисто задоволство. Нешто пакосно и злобно, на пример, или ситуација во која искористуваат некого, немајќи чувство за морал. Дури и ако ги почитуваат правилата на играта.

Психопатите што не се престапници, знаат кои црвени линии не смеат да ги поминат. Свесни се дека во спротивно може да ја загубат својата лидерска или друга позиција од престиж и удопства. Прилично се умешни да се контролираат себеси, за да не ги поминат црвените линии. Само од лични интереси остануваат на „правилната“ страна.

Но, иако се можеби способни успешно да ја играат играта, тоа го прават безмилосно. Воопшто не помислуваат на љубезноста и добрината, сосредоточувајќи се исклучиво на своите задоволства и придобивки.

Извор

Превел од англиски: Симеон Јанков

Напишете коментар