Седам сама на омиленото место од мојата соба. Мојата мачка се мотка низ нозете мои. Се умилкува. Сака да ја галам. А јас не ја ни забележувам. Лутам со мислите. Патувам низ времето. Размислувам за минатато. Посакувам да ѕирнам и во иднината. Кој не сака да има таква моќ? Барем за миг да може да ѕирне во иднината. Но, нека. Некогаш е подобро што не знаеме што нè чека утре. Да знаевме, можеби светот ќе живееше во разврат. Но можеби и ќе беше најубавото место во универзумот.
По не знам кој пат, се фаќам на дело како мислам на тебе. И малку ми е непријатно тоа. Почнува да ме нервира твоето постојано присуство во моите мисли. Или јас само сум те замислила, па затоа постојано си таму. Не мислам на мажите од моето минато. Ниту сакам веќе да ги сретнам. Да сум сакала немало да останат таму, во минатото. Но чудно е што не мислам ниту на мажите од мојата сегашност. Мислам само на тебе. Измислен. Неодолив. Имагинарен. Толку реален, а сепак премногу добар за да постоиш. Како можев да си дозволам со мене да завладее нереален лик, како тебе?
И додека јас лутам со мечтите, мачката веќе ми седнала в скут. Ноктите од нејзината десна шепа ги забодува во мојата лева нога. Како да сака да ме врати назад. Да ме извади од светот на фантазиите во кој длабоко сум залутала. Безуспешно. Низ главата ми се мотаат безборј дилеми. Што ќе беше, ако беше? Што ќе биде, ако биде? Некогаш мислам дека сите нè мачат ваквите прашања. Можеби премногу сме заробени во сите непишани правила. Во сите предрасуди. Што ако еден ден ги прескокнеме? Што ако само една вечер заборавиме дека постојат границите? Границите кои најчесто си ги создаваме во нашите глави. Ќе бидеме ли посреќни?
Од мојот скут, мачката ја ставам на креветот. Се протегнува. Потоа се проѕева и го плази јазикот. Изгледа како ѕверка, но не е. Има мирна душа. Сепак, живее како што сака. Некогаш со часови се пече на сонце. Некогаш ја кваси дождот. Таа е моја, ама јас не ја поседувам. Своја си е и затоа, ако нешто ѝ смета ми ги забива ноктите в месо. А што правиме ние? Молчиме. Ја наведуваме главата. И само прифаќаме. Некогаш прифаќаме затоа што сакаме. Некогаш затоа што така треба да биде. Некогаш затоа што не знаеме како поинаку.
Погледнувам низ прозорецот. Што ако до вистинската слобода нè делат неколку убави мисли? Што ако до вистинската слобода нè делат неколку избришани граници? Што ако границата меѓу вистинската слобода и лажното заробеништво е само една прескокната препрека? Премногу прашања. Никаков одговор.
Ќе се ослободи ли човештвото некогаш? Ќе се ослободам ли јас некогаш? А до слободата ме дели само ѓерданот кој сакаше ти да ми го нанижеш. Ама јас не ти дозволив. Ќе попуштам? Ух, не верувам. Јас уживам да си бидам роб на себеси. Но можеби некоја година, некоја пролет, ќе ги облечам сандалите со боја на Месечина. Оние сандали кои ќе ме однесат до тебе, до слободата. До тогаш, хаосот од бои и мисли ќе владее со мене. А јас ќе бидам горд роб.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.