„Шекспировата сестра” од генијалната писателка Вирџинија Вулф е расказ кој е дел од феминистичката книга „Сопствена соба”. Расказот доаѓа како одговор на изјавата на еден бискуп кој тврди дека би било невозможно за жена во времето на Шекспир да пишува. Пропратена со изјавата дека „Мачките не одат во рајот, но имаат…некаква си душа.”
Вулф го започнува расказот со тоа што се согласува со бискупот, а потоа на генијален начин (на каков што само таа може) ја распарчува и ни ја прикажува приказната на Џудит, Шекспировата сестра. Исто толку талентирана колку и нејзиниот брат, но погазена од семејството, општеството и светот во кој само мажите се сметаат за луѓе.
Вирџинија објаснува како, иако Шекспир е примен во светот на театарот во Лондон, Џудит е исмејувана, тепана и избркана.
Во големиот град Џудит паѓа во канџите на оние кои сакаат да ѝ „помогнат”. Нејзиниот крај, како и крајот на расказот е така ноншалантно срочен, што не може а да не привлече внимание кон фрустрацијата што Вирџинија ја чувствува – и самата таа талент, и самата таа писател.
„Кој може да ја измери жештината и насилството на поетското срце кое е заробено и исплеткано во тело на жена?” – Пишува Вулф како објаснување за самоубиството на бремената, немажена Џудит. А потоа го критикува општеството кое со двојни стандарди гледа кон животите на мажите и жените. Симболично, телото на Шекспировата сестра лежи необележано под некоја си раскрсница. Место кое сите го поминуваат, но ретко обрнуваат внимание што може да има под него. Каков гениј се крие под тоа навидум обично место. Но, Вирџинија го ублажува крајот пишувајќи дека Шекспировата сестра не умира, туку дека таа живее во секоја жена:
„Верувам дека оваа поетеса што никогаш не запишала ниту збор и била закопана на раскрсница сѐ уште живее. Живее во тебе и во мене и во секоја друга жена што не е тука вечерва само затоа што пере и ги мие садовите и ги заспива децата. Но, живее – затоа што големите поети никогаш не умираат. Тие се трајни присуства, им треба само шанса физички да чекорат меѓу нас.”
Вирџинија ја објаснува таа шанса и ја потенцира потребата за “посебна соба” на секоја жена. Чекор по чекор го објаснува патот. Па, дури и годините што треба да изминат за да се оживее Шекспировата сестра, која само спие и црпи сила од сите жени што пишуваат и творат. Вирџинија убедува дека таа еден ден ќе дојде и дека трудот, дури и во сиромаштија и анонимност ќе вреди.
„Шекспировата сестра” е расказ кој секоја жена, девојка, маж, момче треба да го прочита за да може да ја види другата страна на приказната. Затоа, раскажете им на вашите ќерки и синови за Џудит Шекспир, за да ги увидат сите анонимни приказни. За да ја разберат вашата. За утре, да можат да се изборат за еднаков тоналитет меѓу двата рода. Раскажете им, за кога ќе дојде Џудит Шекспир да можат да ја препознаат.
Анастасија Лефкоска
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.