Skip to content

„Потонат брод“ и „Молитва“ – Огнен Коцевски

  • by
Потонат брод

Сега сме безбедни. Нема смрт, тага, бол и пискот. На сигурно место сме во срцето. Можеме слободно да ги испружиме рацете како овој галеб под небото во овој простран видик на езерото. Дома сме. Нашите срца треперат како бранови, но само од безбедност. Никогаш нема да го напуштиме местото кое ни пружа таква сигурност. Сè наоколу нè демне. Удираме со крилата уште еднаш и одлетуваме кон внатре.

А сега со мислите ќе направиме оној брод што доаѓа да заплови мирно и брановите да престанат. Да дојде совршениот мир, но не како што го дава светот. За жал, нема да успееме и бродот ќе потоне. Или ќе удри во невидливата подводна карпа. Важно не пловиме сами. Заедно со мислите сме. Бродот кој беше од другиот табор, од другата страна го проголта белата езерска пена. Ќе дојдат нови бранови. Ќе расчистат со минатото. Ќе бидат на безбедно место во срцето. Ниедна бура нема да ги потоне зошто се внатре, во срцето. Безбедно ќе стигнат до островот.

Молитва

Сите ги искажаа своите молитви. Дојде мојот ред да се помолам. Но, јас немам зборови. Зборовите веќе ништо не значеa за мене, сепак тие беа единствените алатки за комуникација со Бог. Господе Исусе Христе, реков, и зборовите што сакав да ги кажам исчезнаа сред пустината на молкот. Потоа, почна Господ да зборува низ мене. Зборовите тргнаа по водачот и го следеа како војници, исполнувајќи се со нова смисла. Тие растеа и го опфатија целиот свет и сите негови проблеми. Почнав да го искажувам светот, одново да го пресоздавам. Ново небо и нова земја. Надвор од светот извикав гласно: „Бегај сатано, ти знаеш дека имаш уште малку време на земјата!“. И потоа, повторно молк. Повторно ветерот го следеше волкот кој се спремаше да го проголта времето и да ја продолжи бесмислената ништожност на постоењето. Дали молитвата ми се исполни?

Огнен Коцевски

Напишете коментар