Салата за бал беше преполнета, свеќите светулкаа низ мракот чиниш беа створени да красат некоја ненапишана сонета.
Виолините со звуците разлеани ко врело злато,
го отвараа патот кон дворецот за оние што сакаа да се покажат,
што сакаа барем за една вечер себеси да се залажат,
да потонат во сјајот што за нив беше лажен и привремен,
а за кралското семејство скоро вечен.
Кралицата, млада девојка,
не знаеше уште како да си ја намести круната,
ама некако успеваше да се сноси со возбудата на елеганцијата дадена на златна тацна од раѓање,
се сеќаваше на зборовите на мајка ѝ дека секој успешен бал започнува со танцување.
Но освен стари дипломати,
арогантни пауни,
разгалени девојки,
не гледаше потенцијален за танц партнер.
Од очај погледна кон стражата,
тие што стоеја токму од нејзината лева страна, до вратата.
Очите ѝ се споија со сини,
сите емоции во нив затскриени,
штом застана пред војникот,
ѝ се поклони.
“Танцуваш ли?”
“Повремено височество.”
“Ќе го отвориш ли со мене балот?”
“Морам да одбијам,
должноста ми е побитна од валцерот.”
Кралицата се насмевна,
ја подаде раката.
“Ајде де,
ќе умреш ли ако за неколку минутки си ја спуштиш стражата?
Неколку минути ли се доволни да ти летне главата? “
“Мојата не височество,
се плашам за Вашата.
Штета ќе биде, Ви прилега круната. “
Сини очи се насмевнаа,
се присети кралицата на нив од детството, истите очи што погледот на првиот бал на десет години ѝ го задржаа.
“Не те променила војската.”
Се насмевна кралицата.
” Како и да е, ќе ризикувам.
Танцувај со мене? “
Од мигот кога им се споија рацете,
секој пламен, секоја револуција застана,
запре за миг дури и светот,
зошто ништо не беше побитно во тие три минутки и четириесет и една секунда од валцерот.
Од “Дневникот на една будала”
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.