Учете ги децата да читаат. Учете ги децата да прашуваат, сѐ живо и секого да прашуваат. Научете ги сѐ она што вас не ви кажале кога сте биле на нивно место. Научете ги дека ништо не е фиксно. Дека ништо не е фер. Научете ги од рана возраст дека ќе губат пријатели, кажете им дека тие не се вистински, зошто вистинските остануваат и со тек на време стануваат семејство.
Научете ги дека ќе се заљубат. На илјада и двесте начини ќе се заљубат ама само еднаш ќе биде вистински. Само тоа еднаш ќе здоболи и ништо друго нема да може со тоа да се спореди. Научете ги децата дека факултетот не го прави човекот, туку карактерот, да можат со работник и со директор да седнат на маса и секој збор што ќе го кажат да биде запомнет. Научете ги децата да се борат за она во коешто веруваат зошто и најголемите револуционери биле некогаш деца. Зошто дете се останува и во најтешките моменти. Кога човек плаче излегува детето, кога човек сака безусловно излегува детето, кога таа школка на возрасен не успева да го разбере светот излегува детето.
Научете ги децата за да имаме поцврсто општество.
Научете ги децата дека улично животно не е за шутирање и човек од друга раса не е за бегање. Впрочем, избришете ги расите, националностите, границите, разликите од умот на детето ако не можете од својот. Тогаш и само тогаш ќе го имаме светот за кој Џон Ленон пее. Научете ги децата на она сѐ на кое вас не ве научиле.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.