Приказна создадена од тениски рекети – Огнен Коцевски

Ја сервирам топката. Ти раскажувам една приказна. Ти успешно ми ја враќаш со бекхендот. Повторно ја земам твојата мисла и ти ја подавам преку мрежата. Нашите топки се судираат и приказните ни се испреплетуваат. На крајот, завршуваат во аут.

Рацете кои ги држеа рекетите се креваа сè повисоко следејќи го магичното издигнување на топката додека не станаа диригенти на прекрасен оркестар. Да не е тоа атомска бомба? – помисли патникот кој поминуваше покрај теренот, слушајќи го пукањето предизвикано од силните удари на тениските топки. Или, можеби, некое големо животно заробено во голем кафез и гребе, сака да се ослободи од синџирите, од заробеноста од бинарните опозиции на добро и зло?

Не сум во состојба цел ден да мислам на летот на топката, да ја чувствувам со своето тело, без духовни очи да ја видам убавината на ослободувањето од стравот и победата на љубовта. Јас ги сакам парчињата, но го следам континуитетот, на ин и аут, на вистина и грешка, и сето тоа го прифаќам со радосно срце. Тоа e кривата линија на топката која ги поврзува двете спротивставености и ја раскажуваат приказната на заборавот. Приказна создадена од рекети за тенис.

Огнен Коцевски

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?