Низ нишките на животот, во едно утро. Сончевина ја осветлуваше собата, а белината на ѕидовите се рефлектираше во погледот на девојчето кое со жар и упорност ги правеше вежбите тој ден.
По којзнае кој пат, мускулите се напрегаа, телото се движеше, а грчот на нејзиното лице кажуваше колку е таа упорна во својата замисла. Да успее, да ја врати вербата во себе и своите способности. Роден херој, кој ни малку не отстапуваше од идејата да се биде ист како останатите, да се биде човек, и пред сè…Да се биде љубов, толку голема што ја знае универзумот, и тие кои се со неа и живеат во нејзината душа…
Денот, како и секој ден. Но многу нешта се сменија од мигот. Од мигот кога на вежбите им се придружи една нежна мелодија и еден прекрасен ангелски глас. Гласот на љубовта, гласот на среќата и сјајот во очите, оној миг кога нотите се споија со нејзиното храбро срце. Од тој миг чиниш заживеа еден нов живот, една нова надеж, една нова љубов. Толку искрена, длабока, посветена. Една љубов, за многумина неразбрана. Но таа љубов ги помести границите на невозможното, кога девојчето ја препозна својата душа близнак. Скриена во душата на својот идол, својата втора половина.
Се нижеа денови во кои осаменоста ја напушташе својата адреса. И тивко полека се населуваше љубов. Безвремена љубов, во која нотите ги нижеа најубавите стихови и рефрени. Девојчето го засака својот ангел и му се предаде целосно. Не беше нејзината љубов иста како онаа на нејзините фанови. Во тоа се увери и самата таа (Даниела), кога беше затекната и изненадена од љубовта преточена на лист хартија. Нејзините стихови добија душа, и следно на тоа, Ана ја издаде стихозбирката која ѝ ја посвети нејзе.
За неа веќе и светот добиваше поинаква боја, му се радуваше на секој нов ден, и желбата за живот растеше, како што растеше и нејзината љубов за неа. Минуваа денови, месеци, а желбата за да ја види ги помина и границите, кога Ана замина за Загреб и направи нешто што доликува на херој. Таа за својот ангел, ги доближи далечините. Ја носеше љубовта на дар и ја прегрна неа, својот ангел, кому му ги посвети своите песни. Од тој ден Даниела стана сведок на една нова димензија во љубовта, која не можеше да се спореди со ништо.
Таа чиста љубов беше круна на едно постоење, круна на еден млад живот кого нотите го враќаа на вистински пат. Во нивната секојдневна комуникација се редат милиони букви кои се смешкаат на секој нов ден. Ја заспиваат ноќта и се радуваат со животот. Таа чиста љувов живее во нивните срца, и не може да ја избрише ниту времето, ниту луѓето. Нераскинлив дел од постоењето на еден млад живот со верба и надеж дека и покрај сè постојат величини кои само срцето може да ги досегне.
И само вербата може да им даде сила да опстојат и да живеат во светот каде душата е незаменлива во споредба со сите останати материјални добра. Таа живее за својот ангел и ја има најсилната карта во ракавот. Нејзината љубов и искреност со која освојува.
Ана Дедова