Да бев пеперутка,
точно ќе знаев
во чии градини да слетам.
Па градината твоја
дури ниту еден цвет да немаше,
јас само во неа ќе лeткав,
само над неа ќе бдеев,
оти поубава градина
од човечката душа нема.
Да бев пеперутка,
нежна, невина, со крилја од свила,
точно знам во чија градина ќе летнев,
дури и пуста да е,
посветла од твојата градина нема,
оти душата е единствена грaдина
што човекот ја поседува.
Да бев пеперутка,
знам над чии дланки ќе надлетував,
знам чии очи ќе сакав да израдувам.
Ама пеперутка не сум,
па можеби ме измамила тимнината
од градините туѓи,
па очи сум затворила.
Ама не,
душата не може да биде измамена.
Затоа ако бев пеперутка,
ама не сум,
јас кај тебе ќе слетав.
Ќе слетам ли?
Ако бев пеперутка…
Ама не сум…
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.