Дали ако прегазите мравка ќе почувствувате грижена совест?
– Не.
Зошто тогаш се лутите кога вас ќе ве прегазат?
(Молчи. Гледа како да сака да ме изеде).
*Повторно го прашувам.
Што понатаму? Што ако ви се случи некаква си магија, а вие веќе сте уништиле многу човечки души?
– Ти што се замислуваш? И од каде право на вакви прашања? Зошто тоа твое “интервју” го посочи баш на мене? И што ти имам сторено јас на тебе? Јас знам што живеам, јас знам кој сум!
Ха. Па да. Ова го очекував. Ама баш ова. Знаете ли дека човек кога е уништувач на душевни забави, тој си се брани со дупли прашања. На твоето прашање одговара со прашање. Во бестрага. Со каков ли паразит разговарам.
– Доволно сум храбар да се спротиставам на твоите бесни испади. А времето си врви, ти старееш со овие твои болни и заостанати муабети, здодевноста ти расте од ден на ден сè повеќе. Знаеш ли како е да повредиш некого? Не знаеш. Пробај, ќе ти се допадне.
(Сега јас го гледав. Стаписана. Кожата ми се наежи. Да бев чудовиште.. до сега ќе го избришев од овој свет. Таквите не знам дали заслужуваат да живеат.)
Не знам зошто воопшто се осмелив на вакво нешто. Но, добро.
Барем се соочив со некој кој не знае да живее. Се соочив со некој кој не ги цени животите на другите. Се соочив со себичноста на еден немилосрден човек, а сега не сум сигурна ни дали тоа беше човек. Не бев сигурна ни во себе, буквално ми ја исецка самодовербата на милион парчиња. Без себесрам. Без себепосакување. Без волја за да направиш некого среќен, тој испари.
Повеќе не го сретнав. Од тој мизерен ден, јас повеќе не се состанов со него. Чудно. Барем мислев дека повторно ќе ги видам тие безобразно-дрски очи. Но никогаш повеќе. Ти доаѓа да врескаш, но смиреноста ја победува таа огорченост и остануваш блед, изнемоштен, немоќен, остануваш сам со себе, без никаква надеж дека еден ден ќе успееш да ги промениш чудовиштата. Тежок е муабетот кога разговараш со многу многу нискоумни луѓе, уште потежок е животот кога знаеш дека таквите го делат воздухот заедно со тебе..
Еден ден ќе сфатиме колку всушност ни е потребна нечија прегратка, нечиј збор кој ќе успее да ти измами сонце сред најголемото невреме.. Еден ден…Ние тој ден ќе се бориме за нешто кое се вика ДУША, но кој да ни поверува тогаш? Тогаш сите ќе станат мизантропи и ќе им нема спас. Сè додека се плашиме нашата остроумност да ја покажеме на бездушниците, сè дотогаш душевниот мир ќе биде прегазен со најголемиот багер-несреќник.
Ако на сонцето не му се радуваме додека сјае, кога ќе посакаме да нè стопли, тоа студенило ќе фрла врз нас. Намалете ја брзината на простодушната манипулаторска машина. Од тоа фајде нема.
Софија Величковска