Еднаш, кога бев на петнаесетгодишна возраст, за првпат во животот видов како изгледа бура покрај поголема вода. Седевме на брегот на Дојранското езеро со моите родители и наслушнувавме од луѓето кои беа покрај плажата дека денес попладне се очекува невреме во градот. Си мислев, „Ах, невреме.. тоа сигурно е проследено со дожд, со некој ветер и часови без сонце, нешто како вообичаено во мојот град и населбата каде што живеам.“ Но, сфатив дека тоа и не било баш така. Невремето покрај водени пространства изгледа поинаку.
Тоа лето за миг небото стана сиво и целосно блиску до нас, ветерот се забрза толку силно што сите лежалки, чадори и разни работи на брегот почнаа да летаат насекаде. Водата беше целосно променета, стана сива, високите бранови ја вознемирија и се слушаа грмотевици. Сите луѓе молскавично ги напуштија плажите и заминуваа кон своите сместувалишта.
Првото искуство на невреме покрај некоја вода во мојот живот беше тоа. Подоцна видов уште неколку бури блиску поголеми води, како Охридско езеро, Црно море, Егејско море. Претпоставувате колку е поинтензивна бурата помеѓу набројаните места, особено на морињата. Ветерот предизвикува триење на водата со воздухот, со помош на кинетичката енергија се присилува движење на честички и така се создаваат брановите. По сите овие многу интересни појави, во мене остануваше едно прашање. „Што е со водата?“
Таа имаше нова боја, благодарение на ветровите и небото кое никогаш не може да биде сино при невреме, изгледаше многу чудно, како да се подготвува за оваа претстава, но и како да не сака да се случува целиот овој момент, а сепак знае дека мора да се случи. Пред да се појави бурата водата ги собира сите нешта во себе и потоа лесно ги носи на различни страни. Некои работи се на брегот, низ плажите, некои се длабоко потонати во длабочините, други пак се распрснати од брановите во големите карпи и стени.
Поминаа долги години откако размислував за водите кои претрпуваат невреме, ми останаа длабоко во свеста сликите од тие случувања. Сè повеќе добивав желба да напишам писмо до водата низ која наскоро ќе има бура, а на која имав многу работи да ѝ кажам. Денес е вторник, септемвриското сонце ветуваше дека кратко ќе се дружи со нас. Ноќите веќе порано пристигнуваа и беа сè постудени. Денес одлучувам да го избегнам појадокот, тивко го земам своето ташниче и заминувам кон најблиското езеро.
Сонцето уште на половина пат почнуваше да вели „Довидување“ и така полека си заминуваше, за да при самото мое пристигнување речиси и го снема. Овде е мирно. Неверојатно колку е тивко и мирно. Можеби сте слушнале за изразот „Затишје пред бура“. Ова е многу компактен израз, сосема конкретно ја опишува состојбата пред која се наоѓате. На некои стотина метри пред езерото застанувам и со динамична брзина почнувам да пишувам;
„Здраво, чудесна материјо!
Се познаваме од претходно, мислам дека многу лесно ќе се сетиш на мене.
Умеев често во минатото да доаѓам близу до тебе, а понекогаш и да те допирам и да бидам директно во контакт со тебе. Кога беше мирна и во прекрасни зелени нијанси, ти ми го смируваше дишењето.
Знаеш, заморот и секојдневните стре-сови ни го заматуваат погледот, па така твојата бистра и прекрасна боја добро им доаѓаше на очите. Те паметам и во некои други изданија, напролет посинета, после пладнињата во портокалови тонови, во утрата толку блескава, но знаеш, никогаш не те видов сива, силно разбранувана и раздивена. Дојде и тој ден, кога свесно го сторив ова и речиси сам, сега покрај тебе ти се приближувам да ти го подадам ова писмо.
Животот не е едноставен процес. Ние луѓето сме обдарени со свесност, чувствуваме и умееме да бидеме сакани, но и повредени. Ти добро знаеш дека она што се случува со тебе, се случува и со нас. Но ти тоа никогаш нема да ни го кажеш. Нашата врска со тебе е многу голема и стара. Ти си едноставно еден многу важен дел од нас. Тебе те има длабоко во нашето срце, во нашите вени, во нашата суштина.
Поконкретно да речам, кога јас сум смирен, потсетувам на оној миг или ден кога и ти си смирена, кога имаш убаво дефинирана боја, кога имаш сосема мали бранувања, кога шириш огромна свежина, кога на секој покрај тебе му е пријатно. Тоа е само една споредба меѓу мене и тебе, но, постои момент или ден кога јас не се чувствувам така, кога се чувствувам спротивно на сето тоа. Тогаш, веднаш помислувам на бура во себе, тогаш задолжително помислувам на тебе. Помислувам на атмосферата која е околу тебе и внатре во тебе, низ твоето пространство.
Денес дојдов да ти ги кажам сите оние мигови и денови во кои изгледав како што изгледаш ти сега. Ако ти беше некаде на средина од моето срце, тогаш моите солзи кои започнуваа да течат од горе нека бидат дождовите кои паѓаат на тебе. Ми беше многу тешко, плачев без да испуштам гласови, сè до мигот кога не издржав и машки викнав, а тоа изгледа исто како громовите кои се слушаат во овој миг. Најсилните извикнувања се речиси идентични со најгласните громови кои ти ги слушаш, подоцнежните воздишки се помалку гласните празнења, а повременото треперење на очите кои даваат знак се само овие молњи кои светкаат.
Ти пишувам за сите мои тешки денови, ти ги давам сите мои разочарувања, сите зборови кои ме повредија, ти ги откривам јасно боите на мојата тага и болка. Не случајно го правам ова, зашто знам дека ти добро знаеш што ќе биде со мене и сите овие работи кои ги ставив на овој лист хартија, во ова шише. Во овој миг брановите се високи и силно го тресат брегот, ветрот сè повеќе ме доближува до тебе. Ти не размислуваш за утре или за вчера, да, сосема јасно согледувам дека ти си сега фокусирана кон бурата која започнува во овој миг. Брзо врне, грмотевиците се силни, ветрот почнува силно да ги разнишува дрвјата покрај брегот, небото е целосно затемнето и сиво.
Еве си ти, сива, дива и разбранувана, еве сум и јас пред тебе, сив, малку исплашен и разбрануван. Земи го ова писмо, чудесна материјо, земи ги сите работи кои ги ставив во неговиот куфер, зашто тие тебе ти припаѓаат, тие ѝ припаѓаат на оваа состојба. Ти најдобро знаеш што треба да правиш со нив, нели? Ти најумешно знаеш како да се справиш со нив, твоето искуство е многу големо и старо, а јас сум само еден мал дел кој сè уште учи од животот. Ме оставаш без зборови, колку сега си поразлична од сите други мигови, колку ли тајни чуваш во себе, колку ли мудрост има во тебе.
Со почит, до следно видување.“
За момент водата ми ги натопи нозете и почна силно да прска во моето лице, ветерот не стивнуваше, ми го однесе чадорот кон небото и слушнав глас. Во животот сретнувам два типа на луѓе: првите се дарувани со голема храброст и тие сега влегуваат заедно со своите чамци во мене, пловат и се борат до последниот здив.
Вторите се оние кои се дарувани со смиреност и тие се оддалечуваат мудро од бурата и чекаат со трпение да престане. Ти пред мене во оваа сосотојба и јас во тебе со истата состојба е само сопствена одлука што ќе сториш.“
Од книгата „Белези“ – ( Песни и писма)
Мирослав Трајковски