За денес изборот се детски афоризми од афористичарот Миле Ѓорѓијоски. Прочитајте ги во продолжение, сигурни сме дека ќе ве насмеат!
Денес по математика никој не доби единица. Така е секогаш кога имаме празен час.
Јас го мразам училиштето повеќе од бато. Кога тој е на часови, нема со кого да си играм.
Емотивно сум врзан за училиштето. Кога треба да одам на часови ми се – плаче!
Бато нема среќа со ниту еден наставник! Сите го прашуваат само она што не го знае.
Бато оди во вечерно училиште. Кога тргнува на часови му се стемнува.
Кога ќе пораснам, ќе бидам лекар, а не инженер како тато. На лекарите им носат бомбониери.
Јас не дозволувам тато да се нервира. Затоа секогаш ја кријам од него ученичката книшка.
Со бато постојано се молиме на мама да ѝ загори ручекот. Тогаш тато сите нѐ носи в ресторан.
Денес на мама не ѝ загоре ручекот. Така е секогаш кога сме на гости кај баба.
Да не почнеше мама да ми ги пишува домашните, тато сигурно ќе го повтореше одделението.
Родителските состаноци ги расипуваат меѓучовечките односи. Го поттикнуваат семејното насилство.
Цвеќарниците сигурно се многу далеку од градовите. Секогаш, кога тато ѝ носи букет на мама, си доаѓа дома многу доцна.
Добро е што тато сигурно не знае, дека мама ми ги пишува домашните задачи. Да знае, место мене нејзе ќе ѝ купува чоколади.
Мама и тато претераа со грижа за моето образование. Не се делат од моите учебници, ни кога одиме на излет.
Кога тато сака да гледа фудбал, а мама серија, јас секогаш го имам вистинското решение: сите тројца гледаме цртан филм.
Не знам зошто мама и тато се лутат што ми ги пишуваат домашните. Тие ме запишаа на училиште.
На родителските состаноци треба да одат мајките, а не татковците. Мајките не носат ремени на пантолоните, сукњите, фустаните.
Учителката го поттикнува семејното насилство. Да не пишува слаби оценки, татковците никогаш нема да се фаќаат за ремените.
Тато и мамо не престануваат со семејното насилство. Прво ме запишаа, а сега секој ден ме носат на училиште.
Конечно дедо се спаси од училишниот ранец. Од денес ни започaa онлајн часовите.
Еден ден кога ќе пораснам јас ќе бидам наставник. Бато вели дека наставниците не читаат лектири, не пишуваат домашни и никој не ги испрашува на часовите.
За разлика од возрасните децата не лажат. Затоа не сакаат да пораснат.
За тоа што јас не сум одличен ученик како Бети крива е учителката. Мене секогаш ме прашува само она што не го знам.
Јас најмногу ги сакам родендените на мама, тато и бато. Тогаш нив ги тегнат за уши, а јас дувам во многу свеќички и јадам торти.
Кога дедо ќе ја земе гитарата и ќе запее „Ссмо еден ден живот“, сите дома знаеме дека ја земал пензијата.
На бато и математика му е омилен предмет – ама само кога има празен час!
Некогаш тие што знаеле станувале филозофи, денес – кецароши.
Секогаш кога на наставникот ќе му се расипе колата, јас добивам единица, а тој оди во сервисот на вујче да ми ја поправат.
Што дека бато е роден во знакот стрелец, кога постојано ги промашува темите на писмените!
Прочитајте ги и следниве афоризми за возрасни од истиот автор.