Со пролетниот спокој ти кон мене чекори,
не оставај растојание од планини неискачени
помеѓу срцебиењево мое и твоите прегратки,
туку ти дојди и исправен пред мене биди
со поглед благ шепни ми љубовен приспив,
та да го збере во кошницата од нектарини
здивот твој со волшебни цветни предели,
наутро измиен од слаткоречните води
надојдени од дождовите со мириси пролетни.
Потем на рацете бујни што скитаат навечер
во потрага по светулки од нежности и недофати
донеси ми уште една априлска пролет,
онаква – бујна, слаткомирисна, расцветана,
извезена од јорговани слатки со утрински роси,
само за мене и за тебе таа да осамне
и градини од близини твои и мои
до недогледи да ни расцветаат,
та да ни ги сплете душиве со пролетен завет,
та да ни е пролетта дом за навек.
Благица Ангеловска