Да можам да се смалам и да се вселам во таа градина што ти е во душата,
да ми пројде сега мачнина и да гледам како јоргованот таму расцутува.
Да можам да се претворам во пчела па да ти застанам на омилената љубичица
на прозорот што ти е поставена,
па душата никогаш да не ти е осамена.
Да можам капка дожд да станам,
па да ти паднам на образот сакан,
да се слизнам до усните румени,
да ги поминам на нив моите денови последни.
Да можам гром да бидам,
сѐ ради што тагуваш да смачкам,
да можам гром да бидам,
па низ удари на Земјата сѐ она што никогаш ко човек не можев, да ти кажам.
Да можам човек да бидам без граници,
без стравови и такви слични недостатоци,
па храброст да соберам и човечки да ти признаам,
дека за тебе, тебе ти раскажувам.
Да можам сликар да бидам,
па портрет да ти насликам,
со боја на платно да се развикам,
да биде тоа портрет по векови, прв,
да го крадат и прекрадуваат и на крај да виси во Лувр.
Ама не сум ни малечка,
не сум ни пчела, ни капка,
ни гром, ни човек обичен,
нит сум сликар што може да те овековечи в рамка,
туку сум дрво без корен,
птица без гнездо, но постојано во лет,
помеѓу сите овие,
сите бивши твои и сите работници на овој свет,
штрчам гадно зошто сум поет.
Поет сум и писател поделено,
во слободно време сум само своја повремено,
трагам по хаос и нешто изгубено,
ти пишувам и пеам книги и поеми неуморно.
Кукавица сум со пенкало,
чекам да ми паднеш в прегратки од небо,
секоја ноќ се самоубивам,
пред утрото да огрее јас илјада пати умирам.
Умирам и воскреснувам,
мирна сум и збеснувам,
со мастило рани зашивам,
за одново и одново со пенкало да ги распарам.
Жива сум и ранета,
среќата сепак, е повредна од тагата,
мракот бледи наспрема музата,
и за ништо друго не ја давам оваа среќа – несреќа.
Од “Дневникот на една будала”
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.