Да ми дадат стотици зборови за да ја опишам, јас пак ќе одберам само еден. Еден збор, што токму неа и само неа ја опишува. Невозможна. Толку многу невозможна, што ниту еден друг збор не ја опишува така добро како овој. Ја доловува токму онаква каква што е. Невозможна. А такви жени како неа веќе нема.
Таа навистина ќе се предадеше некому. Ќе љубеше силно и лудо. Ќе се препуштеше. Ама немаше кому. Освен мене, можеби. Чудна моќ имаше таа жена. Имаше нешто опојно во неа. Нешто што на сè му даваше посебен жар. Што и да направеше таа, беше интересно. Нејзината појава ме присилуваше да мислам само на неа. Да ја посакувам. Да ја мечтаам. Кога ќе беше расположена, ме заведуваше. Ме маѓепсуваше. Ама кога беше обична, секојдневна, полна со грижи, со болка, со тага, беше вистинска жена. Зрачеше со женственост. Со бескрајна, посебна убавина. Со неа и ништо беше сè.
И знам дека тешко пушташе некој во нејзиниот свет. Уште потешко засакуваше. Ама, ако ги прескокнеш сите граници и ѕидови, ќе најдеш љубов. Чиста. Посебна. Силна. Кога во тебе ќе види нешто посебно, станува посветена. Спремна на сè. Со тебе е и кога сè се руши. Кога ќе најдеш таква како неа, ќе те сака и кога не заслужуваш. И кога не ја сакаш. Со неа, љубовта не е љубов. Туку е нешто повеќе.
Но беше малку и слична на другите. Пред мене некогаш беше збунета. Наивна. Детинеста. Смешна. Лута. Будалеста. И сето ова ја правеше невозможна. Оти само тој збор е вистински збор за неа. Ама како да не беше свесна. Не беше свесна оти таа ми беше мелем на рана. Сонувана. Мечтаена. Чекана. Сакана. Не некоја како неа. Не некоја што наликува на неа. Не некоја што потсеќа на неа. Туку таа. Мојата невозможна.
Јас се чудев. Се чудев како со леснотија чекори по тротоарите. Како со леснотија го крева филџанот и голта црно, горчливо кафе. Ѝ се чудев на насмевката. Ѝ се восхитував на духот. И не познавав почудна и подобра жена од неа. Толерираше таа. Ги толерираше сите мои пропусти. Сите мои грешки. Ги голташе сите зборови кои сум ѝ ги кажал во афект. Ги голташе сите солзи кои заради мене ги пролеа. Молчеше и голаташе се до таа ноќ. После таа ноќ веќе беше сита од глупости. Сита од мене. Сита од нас. Сита од сè. Таа ноќ сфатив дека ја изгубив. Дека сам од раце ја пуштив. Дека од преграткиве ја избркав наместо цврсто да ја стегнам. И претходно таа ми беше невозможна. Но после таа ноќ стана и туѓа. Засекогаш туѓа! Невозможна.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.