Ода е една од најпознатите песни на Атила Јожеф, меѓународно најафирмираниот унгарски поет на XX век.
Ода
1
Тука седам сам на карпиве што светат
на младото лето лекиот ветар
како топлината на некоја сакана вечера
лета.
Го навикнувам срцето во тишина.
Не е тешко толку –
што е минато пак се раѓа,
главата се ведне, а раката паѓа
молкум.
Ја гледам в залез црвената грива на планината,
на твоето чело светлината
светка по лисјето ведро.
Никој, никој по патеката пуста,
гледам како го вее твојот фустан ветрот.
И под гранките каде што често седам,
твојата развеана коса ја гледам,
твоите млади
растреперени гради,
и ете, пак ја гледам, пак пред мене стои
како на некој поток водата чиста
бели обли камчиња што плиска –
насмевката мила на забите твои.
2
О, колку те сакам тебе
со еден збор што ја поразуваш осаменоста
во длабините на срцето нежно
своите што ги ткае мрежи –
и вселената.
Се делиш од мене како од водопад шумен
и тихо понатаму течеш,
дури јас меѓу вршките на мојот живот,
близу до далечината клечам,
па тресејќи земја и небо, со сета сила
викам, ечам: те сакам, о, маќео мила!
3
Те сакам ко дете својата мајка,
ко својата тишина глувата јама,
те сакам, ко светлина собата,
душата пламен, а телото утеха, почин.
Те сакам, како што сака
да живее оној што умира в мака дур не склопи очи.
Секој насмев, движење, збор, секој глас
ти го чувам јас како земјата предметите што паѓаат пред нас.
Во мојот ум, како киселините в метал,
со своите нагони те допирам, за да те сетам,
ти мил и убав облик,
таму сека суштина ја полниш и ја топлиш.
Секундите шумно минуваат,
но ти немо стоиш во споменот свиден.
Се палат ѕвездите, згаснуваат,
но ти во моите очи вечна ќе бидеш.
Твојот вкус, како тишина во пештера пуста,
лебдее смрзнат во мојата уста.
Чаша со вода држи раката твоја,
врз неа фините жили стојат
и се бистрат.
4
Ох, од каква природа сум јас,
та твојот поглед што ме реже и обликува вчас?
Каква ли душа и каков ли сјај
и појава достојна за чудесно дело,
та што ги минувам низ маглата на некој рај
пределите полни на твоето плодно тело?
И како во отворено значење некој глагол,
во неговите тајни слетувам благо!…
Твојот крвотек непрестајно трепери,
како грмушка од најубав род.
Ја носи вечната струја,
за да никне љубов врз твојата лика бујна,
а утробата да ти има благословен плод.
Осетливата почва на твојот стомак, се чини,
како да ја везат многу корења, што прават
јазли од своите нишки фини,
и пак што ги растураат во состојба здрава –
за да си го соберат ројот, клетките на твојот сок,
а грмушките на крунестите дробови, во возвишен срок
да ја шепотат твојата слава!
Во тебе, низ тунелите на цревата
вечната материја среќно се движи
и по врелите бунари на бубрезите ревносни,
до богат живот згурата се ближи!
Разбранетите ридови во тебе се вишат,
и треперат ѕвезди, созреваат ниви,
езера се движат, машини се нишат
и брзаат безброј суштества живи,
инсекти будни,
окреци чудни,
немилосрдноста и добрината света;
сонце грее, северен блесок се слева во млечност,
а низ твоите содржини лета
несвесната вечност.
5
Ко згрутчени крвни капки
пред тебе паѓаат, трепнат
овие зборови кратки.
Животот тепка,
сал законот е говор јасен.
А моиве работни органи, што ме обновуваат
од ден на ден, се подготвуваат
да занемат во веков гласен.
Но дотогаш ќе јачат сите –
О, единствена лулка лека,
кревет жив, гроб незаситен,
прими ме в прегратка мека,
мене, што ме избираат ко суштество клето,
меѓу мноштвото на светов!…
(Колку е високо утринсково небо!
Војски светат во неговиот метал.
Светлини очите ми ги гребат.
Се изгубив, така ми се чини, тука.
Почнува се да скрца. Слушам како над мене чука,
грми моето срце!)
6
(Споредна песна)
(Возот брза, јас при тебе идам,
може денес уште ќе те видам,
можеби ќе стивне сета мака,
можеби ќе речеш нежно вака:
Врие водата, измиј се драги!
Земи крпа, збриши стари траги!
Ручекот е готов, јади, еве!
Јас кај спијам, твојот ќе е кревет.)
Препеал: Паскал Гилевски
За овој прочуен унгарски поет прочитајте овде Атила Јожеф – еден од најголемите унгарски поети на XX век.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.