29 афоризми од сатиричарот Миле Ѓорѓијоски кои вреди да се прочитаат

Денес во инбокс ни стигнаа најнови афоризми што ни ги испрати македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски. За животот во Македонија, за минатото, сегашноста, моменталната ситуација и слично. Прочитајте ги во продолжение!

1. Ние сме упорен народ. Додека нѐ држат нозете ќе коленичиме.

2. Велат, никој нема право да ни го менува идентитетот. Значи, ќе продолжиме да живееме кучешки.

3. Има места на Земјата, кај што Македонците не се делат на патриоти и предавници. Таму кај што има само еден Македонец.

4. Нормално е што на Балканот нема смртна казна. Тука сите сме осудени на доживотна робија.

5. За разлика од минатото, денес е можно Македонец на Македонец да му предложи пријателство. Фејсбукот прави чуда.

6. И на Балканот јагнињата замолчуваат, ама само кога ќе станат овци.

7. На Балканот најтешко се дише. Така е кога секој, секого го држи за гуша.

8. Балканот е пренаселен. Толку големи народи – на така мал простор.

9. Пушењето е штетно за здравјето. Затоа на Балканот секој бега од лулето на мирот.

10. Ќе гласам за европска Македонија од една причина. Таму ги молзат кравите, а не луѓето.

11. Не е страшно што Македонија нема излез на море, туку што нема среќа ни со другите излези.

12. Во Македонија никој не вели – ,,државата, тоа сум јас“. Значи ли тоа, дека не нѐ сметаат за држава?

13. Во Македонија ни криминалците веќе не викаат: ,,Пари или живот“. Тука одамна нема ни пари, ни живот.

14. Не сме потомци на Александар Македонски. Тој сечел Гордиеви јазли, а ние ги правиме.

15. Не верувам дека ќе дојде подобар живот за секој Македонец! Не е можно сите да ја напуштиме државава.

16. На добар пат сме да станеме најстара нација на светот.Чекаме да се исели и последниот млад човек од државава.

17. Ги почитуваме европските вредности. Се правиме англичани, земаме бугарски пасоши, задолжени сме како грци.

18. И на Балканот има луѓе што мислат, дека живеат добро. Тука добро живеат само оние што не мислат.

19. Европа ќе биде цела кога и ние ќе влеземе во неа. Ќе има и слепо црево.

20. Не смеам да кажам дека го испуштив последниот воз за Европа. Таа им беше омилена играчка на децата, а јас ја скршив.

21. Сите се против нас. Среќа наша што светот е мал.

22. Нема што да бараме во Европа. Ние тука се загубивме.

23. Македонска работа: ,,Брала мома капини…“, а го обрала бостанот.

24. Се чувствувам како Македонија. Постојано некој ми го прекројува минатото.

25. Македонска филозофија. Сѐ тече, сѐ се менува, дури и името на државата.

26. Во Македонија браќата си личат еден на друг: како Каин и Авел.

27. На добар пат сум да станам изрод. Мајка ми е Македонка, татко ми – Македонец, а јас – Северномакедонец.

28. Бавно, ама сигурно влегуваме во ЕУ. Македонија секоја година е помала за по еден град.

29. Македонија лесно може да стане држава на изгрејсонцето, треба само да ни се раздени.

Прочитајте ги и овие афоризми од Миле Ѓорѓијоски кои сме сигурни дека ќе ве насмеат.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?