Како предлог филм за викенд ви ја препорачуваме оваа драма насловена „Лав“ (чијшто наслов не е случајно одбран) од 2016-та година.
Најпрво неколку факти за филмот
Драма филм од 2016 година, во режија на Гарт Дејвис по сценарио на Лук Дејвис. Заснован е на автобиографската книга „Долг пат до дома“ на Сару Брирли.
Во главните улоги се појавуваат Сани Павар, Дев Пател, Руни Мара, Дејвид Венам и Никол Кидман. Филмот премиерно бил прикажан на филмскиот фестивал во Торонто на 10 септември 2016 година, а потоа бил нашироко издаден на 6 јануари 2017 година. Добил главно позитивни критики, а остварил заработка од 76 милиони долари во светски рамки.
Лав добил шест номинации за Оскар на 89. доделување на наградите, и тоа за најдобар филм, најдобар спореден глумец (Пател), најдобра споредна глумица (Кидман), најдобро адаптирано сценарио, најдобра оригинална музика и најдобра кинематографија. Тој исто така бил номиниран во пет категории на БАФТА наградите, победувајќи во две, и тоа во категориите најдобар спореден глумец (Пател) и најдобро адаптирано сценарио.
Накратко за содржината
Раскажан е животот на едно индиско семејство каде што акцентот е ставен на двајцата браќа кои мора да работат за да им овозможат храна и млеко на нивната мајка и сестра. Прикзната го следи главниот јунак во далечната 1986 година, малиот Сару кој се губи на блиската железничка станица. Го следи брат му и оди заедно со него да работи трета смена, заспива на клупата, а кога ќе се разбуди околу него нема никој, на неговиот брат му се губи секоја трага.
Во обид да го најде, влегува во еден вагон од возовите, се заглавува таму и патува дури 1600 километри подалеку од неговото родно место. Неговите авантури т.е. начини на преживување и “голготи“ се прикажани на симпатичен, но и тажен начин. Гледачот не може да остане недопрен од приказната на Сару. За восхит е неговиот начин на преживување, потоа среќата да биде посвоен од австралиско семејство и да почне нов живот.
Зошто го препорачуваме?
Филмот спаѓа лично во моите фаворити, успеа да ме расплаче, но од друга страна да ме воодушеви со крајот. Среќниот завршеток спрема трагичниот почеток придонесе за да го вреднувам на уште повисоко ниво. Овој став е субјективна гледна точка. Ние го препорачуваме бидејќи дава надеж дека постои поправање на грешките. Дека постои нова шанса ако знаеме да ја искористиме. Потсетува дека не е важно каде ќе се родиш и како си почнал, туку што ќе правиш подоцна во животот, како ќе чекориш по неговите патеки.
Филмот зборува за упорноста, за храброста на едно дете, кое подоцна го следи својот сон, неговата желба да се врати дома и пак да го пронајде своето семејство. Ја пронаоѓа и девојката во која ќе се вљуби, па и покрај препреките таа има големо разбирање кон него. Прикажана е љубовта кон мајката, семејството, животот на илјадници индиски деца кои секојдненво се губат на улица. Љубовта и условите за живот кои родителите можат да им ги дадат на деца кои не се нивни вистиснки деца. За успешното прилагодување, снаодливоста и желбата за живот.
Направена е паралела како две деца со слична судбина и животна приказна различно ги искористуваат можностите од околината и средината. Вака опишана е во најкратки црти неговата поента и пораката што ја испраќа. Сè ова збогатено со одличната глума на актерите, почнувајќи од главниот лик малиот Сару, па до актерот што го глуми возрасниот Сару. Никол Кидман совршено ја толкува улогата, сите заедно се убаво усогласена актерска екипа.
Топла препорака за секој љубител на драми што го нема изгледано овој филм. Погледнете го долгиот пат до дома кој траел повеќе од дваесет години на малечкото изгубено дете.
Погледнете го и официјалниот трејлер.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.