Си оди април ко да не бил,
со легија мириси невдишани
и цело царство неба недоносени,
низ цутови во снежна лулка разнишани,
врз пладниња во самраци нанижани.
Си оди април ко да не бил,
учител по самотија во празни училници,
собирач на ехо во тивки исповедалници,
дарежлив продавач на маски и далечини,
строг татко на немири и болештини.
Си оди април ко да не бил,
в четврток што е сабота,
во утро што е исто така и квечерина,
со лекот што чини пет пари,
и можеби уште само пет допири.
Си оди април ко да не бил,
а ние сме овде, ко што бевме:
далечни за два света
и за уште цели нови два метра.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.