Македонскиот јазик е нашето најголемо духовно и културно наследство кое треба да се чува како најсвет аманет, зошто нашите предци во многу тешки и неповолни историски околности се избориле за правото на употреба на својот јазик. И за докажување на неговата посебност и единственост, во услови кога тоа несомнено било спречувано и оспорувано од страна на туѓите пропаганди.
Зачувувањето на македонскиот јазик е од огромно значење поради тоа што, тој нѐ обединува и културно ги поврзува генерациите кои ги прават цивилизациските вредности на човештвото.
Стремежот за посебен македонски литературен јазик ја достигнал својата кулминација кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век преку ставовите на Крсте Петков Мисирков за оформување македонски литературен јазик. Доказот за таа потреба и неминовност со најголема јасност го покажува појавата на неговата книга „За македонцките работи”, објавена по Илинденското востание во 1903 година, во Софија.
Мислата на Мисирков била со цел да даде покрај другото и еден образец за тоа како треба литературно да се пишува, како и да изнесе свои погледи за раѓањето на еден нов стандарден јазик. Своето становиште, тој го изложил во посебна статија во својата книга, насловена „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик” каде дава одговор на прашањето врз кој народен говор треба да се заснова нашиот јазик. Мисирков со полно право го посочува централното наречје, како такво што може да внесе во структурата на литературниот јазик најмногу типично-македонски црти, и во исто време да биде врска меѓу останатите македонски говори, со што на повеќе места во книгата тој ја посочува улогата што треба да му се одреди на истото.
Со своите ставови, Мисирков ги поставува основите на македонскиот литературен јазик, и неговите принципи во голема мера се застапени при конечната кодификација на македонскиот јазик по Втората светска војна, кога пред официјалната употреба во 20 век се поставило тоа барање, за која најзначајна личност, покрај Мисирков претставува и Блаже Конески. Тој е современик и учесник во трите клучни моменти во развојот на македонската културна историја, како што се воведувањето на македонскиот јазик како службен на територијата на Македонија, прогласувањето и воведувањето на македонската азбука, како и донесувањето на решението за македонскиот фонетски правопис.
Времето во кое овие значајни творци живеелe и творелe, во својот најплоден период, било време во кое се раѓал и зацврстувал еден нов стандарден јазик со свои јазични норми. И, како што вели нашиот доајен Конески, кој ги продолжил и остварил принципите поставени од македонистите во 19 век, како и од Мисирков, дека круцијалното нешто во основата на македонскиот литературен јазик ја даваат централните говори, така и фонетскиот принцип треба да се применува при дефинитивното установување на азбуката и правописот, со кои се позиционира самиот јазик. Сепак, фактот што македонскиот јазик е најдоцна кодифициран од сите словенски јазици, го прави да биде во голема предност пред другите, со сите јазични промени кои се веќе отсликани во стандардниот јазик.
Македонскиот јазик е непресушен извор кој треба постојано да се следи, да се негува и да се надградува бидејќи е жив јазик со развојна линија, но пред сѐ, несомнено треба да се зачува убавината и посебноста на изворниот македонски збор. Неговото негување, значи постоење на македонскиот народ кој може слободно да ги изразува своите мисли, идеи и дејствување. Па затоа, ние треба да им оддадеме значајна почит на претходниците македонисти, особено на Мисирков и Конески, кои ја одиграле главната улога.
Македонскиот јазик, денес треба да се изучува со љубов и да се развива свеста кај сите, за негово зачувување. Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, зборува и твори на македонски јазик, бидејќи за нас, тој е непроценливо богатство, наш бисер и основно национално обележје.
Алма Шемо