Skip to content

,,И мртва ќе те мразам”, уште една фрапантна мистерија од перото на младиот талентиран Велешанец

  • by

Само пред неколку дена, светлото на денот го здогледа и новата, веќе шеста официјална книга на Александар Николовски, млад но доста успешен автор со веќе илјадници потпишани книги зад себе кои одлично се прифатени кај пошироката читателска публика ширум Македонија. По овој убав повод со огромно задоволство и на драга волја си помуабетивме со овој наш надежен талент.

Александар, секоја ти чест, Александар! Ова е веќе дури четврта твоја книга од почетокот на пандемијата со коронавирусот. Очигледно моменталната состојба која никако да заврши, ти влијае екстра продуктивно или грешам?

– Пред сè ви благодарам за интересот да направиме едно интервју по повод излегувањето на новата книга. И да, не грешите, пандемијава мене барем ми е како погодена за творење. Со оглед на тоа дека сè уште работиме од дома и тие периодични карантини, дефинитивно си го направија своето, па еве ме и со нова книга која верувам дека оние кои ги сакаат моите приказни со нетрпение ја очекуваат.

Она што прво ми падна во очи е насловот. Дефинитивно и овој, а и претходните неколку се сосема интересни, привлечни и поразлични од она што сме навикнати од наши автори. Од каде идејата да ја именуваш книгата токму вака?

– На повеќето читатели веднаш им паѓа во очи насловот што е нормално. И да, по ,,Змијарот” и ,,Ќе посакаш да умреш” и овојпат се решив за нешто така помрачничко. Идејата за насловите првично поттекнува од самиот жанр и од дејството во книгата, но секако и да звучи примамливо. Верувам дека голем дел од авторите не би се осудиле да стават вакви или слични наслови можеби затоа што мислат дека на луѓето ќе им бидат одбивни или дека нема да се продаваат, но во мојот случај не е така што се покажа со двете претходно споменати книги. Јас тргнувам од фактот дека секогаш треба да си пооригинален и различен од другите. И почитувам сечиј избор, но јас на пример никогаш не би ставил наслов од типот ,,Девојката на…” или ,,Сестрата на…” од причина што се пречести и веќе видени.

Како паралела на ова, кажи ни како поминаа досега твоите две претходни книги со ,,страшен“ наслов што би рекле некои читатели, ,,Змијарот” и ,,Ќе посакаш да умреш”?

– Вистината е дека сè уште ,,не поминале”.😊Сè уште се доста барани и актуелни и покрај нели насловите и кориците. Веќе двете за помалку од една година доживеаја и четврто односно трето издание што навистина ме радува. Секако, тука сè уште се и моето првенче ,,Џокер во покер”, неприкосновената ,,Страв од вистината” и ,,Невеста од соништата” кои за чудо или пак за среќа, уште се подеднакво читани и коментирани, а голем дел од читателите најчесто си ги нарачуваат сите книги комплет како пакет.

Сега откриј ни повеќе и за новата книга. Што стои зад овој, мора да се признае, скокотлив наслов?

– И овде станува збор за уште една мистерија со драмски и малку трилер елементи, но во главно книгата е чиста мистерија. Се работи за Ирена, навидум обична млада девојка која живее во сопствен стан и ужива во својата работа во една позната маркетинг агенција, но длабоко во себе крие застрашувачка тајна која сама по себе има и повеќе од доволно потенцијал за сè околу неа да го претвори во руини. И она што е најчудно од сè нели, е тоа што постојано во својата чанта, каде и да оди, како некој аксесоар, носи крвав месарски сатар кој, ќе видат читателите, дека сè уште не ја извршил својата целна намена.

И сега кога сопственикот на агенцијата ќе се соочи со посериозни здравствени проблеми, ја замолува Ирена привремено да застане на кормилото на компанијата со што го навлекува бесот на неговата посесивна мајка и својот исфрустриран син кои сметаат дека неговата избраничка не е достојна за позицијата и ќе ги однесе во сигурна пропаст. Но, она што никој од нив не го ни претпоставува, е дека ќе се случи нешто далеку, далеку пострашно…Нема да кажам ништо повеќе туку ќе им оставам на читателите самите да прочитаат и да се обидат да ја расветлат мистеријата.

Интригантно звучи во секој случај! Јас едвај чекам да ми падне в раце. Дали ова значи дека и овојпат нешто јако не очекува на последните страници?

– Па, кога сум јас во прашање, читателите веќе знаат што да очекуваат. Иако некому можеби ќе му се види побавна книгата, сепак со неколку попатни пресврти и крај кој ретко кој би можел да го замисли, верувам дека ќе им го задржи вниманието во целост. За мене важно е книгата да е поразлична од останатите, а на кого ќе му биде подобра или послаба е релативно бидејќи тоа веќе е прашање на момент и на вкус, а за вкусовите нели, не се дискутира.

Едно можеби по малку неблагодарно прашање, дали ги сметаш своите книги за бестселери?

– Најискрено, воопшто не сакам да зборувам во тие термини. Не знам кај нас поготово ни колку книги треба да има продадено некој автор за книгите да му бидат бестселери ниту пак ме интересира тоа. Единственото она што ми е важно е читателите по секоја книга да се задоволни од приказната и од прочитаното. Од досега постигнатиот успех и тоа за баш кратко време, без издавачка куќа зад мене или било кој, јас сум и повеќе од презадоволен.

 

Што е она што најчесто го слушаш за себе како автор во последно време, без разлика дали ти било кажано лично или си го прочитал некаде по книжевните групи?

– Интересно прашање. Она што прво ми паѓа напамет е тоа дека повеќе луѓе ми рекле дека мојот стил на пишување и испреплетување на мистериите ги потсетува на Агата Кристи. И тоа за мене е дефинитивно комплимент затоа што ретко кој веќе не знае која е Агата, кралицата на кримироманите со над 70 книги зад себе од овој тип. Ама ако веќе зборуваме за бестселери, таа е дефинитивно бестселер автор, со тоа што само Библијата и делата на Шекспир се попродавани и попреведувани од нејзините книги. Со оглед на тоа дека имам прочитано многу книги од неа, и оние кои не се преведени кај нас, можеби и сосема нормално е таа да има големо влијание во моето творештво, што секако ете јас го гледам како предност, а не како мана.

Која е тајната на твојот успех како млад автор?

– Нема да е веќе тајна ако кажам. 😊Шега настрана, нема никаква тајна, најважно е да работите на себеси на секое поле, да вложувате многу труд и секако да бидете упорни, а успехот, онолкав колкав што сте го заслужиле, ќе си дојде сам во овој или оној облик.

Како според тебе нашите современи автори се носат со негативните критики од читателите?

– За другите автори не би можел да кажувам, но еве за мене ќе си кажам дека секогаш се трудам да ја прифатам критиката па и да се поправам колку што е можно повеќе во следната книга, но нели секогаш ќе има некој незадоволен. Како многу работи во животот, така и ова, не треба да го сфаќате лично ни да се трудите секому да удоволите или да му поднесувате сметка. Секако, важно е од кого е критиката и во колкава издржана форма на конструктивност пристигнала.

Александар ти благодараме за одвоеното време да го направиме ова интервју. Знаеме дека си моментално во тотален хаос со оглед на тоа дека речиси сите работи ги правиш сам, па дури и лично ги испраќаш сите нарачки, па затоа нема да ти одземаме повеќе време. За крај можеби малку клише прашање, но што би им порачал на нашите, а и на твоите читатели?

– Ова сигурно го имам кажано, но пак морам да им порачам на сите првенствено да се грижат за себе и за своето здравје, да носат заштитни маски и ете да се вакцинираат особено оние кои спаѓаат во поризичните групи. Исто така, препорака од мене да читаат повеќе книги од различни жанрови и да им дадат повеќе можности на нашите автори за да се запознаат со нивните дела. Уште еднаш ви благодарам за поддршката и за интервјуто, ми беше задоволство.

***

На Александар му пожелуваме уште поголем успех со оваа нова книга и поголем број читатели. Се надеваме дека ќе бидеме сведоци на објавување на уште многу негови книги во иднина со исто така интересни наслови и возбудливи содржини.

Оние кои што уште не прочитале ништо од овој наш талентиран автор, а се љубители на напнати и неизвесни приказни до самиот крај, за нарачка на било која од неговите веќе шест книги, може да се обратат во порака кај Александар – на неговиот официјален фејсбук профил.

Напишете коментар