Помислувам да си заминам. Да си заминам од тебе. Од нас. Од ова нашево. Да трчам како луда и да не се завртам. Да не те гледам веќе. Да не те мислам. Да не те посакувам. Ама не можам. Од некои чудни причини јас останувам во ова. Како со магнет ме влече нешто кон тебе. Мој ли си? Свој ли си? Чиј си ти? Може ли да бидеш мој, дури и ако јас не сум твоја? Може ли некој да припаѓа некому, иако никогаш не бил негов? Ова нашево, толку чисто е. Толку детски. Толку наивно.
Јас и ти ко со очи на деца гледаме еден на друг. Ко со очи на деца на светот гледаме. Што ме влече толку мене кон тебе? Што? Насмевката твоја? Очите твои? Кожата? Мирисот? Што? Толку пати се обидувам да одговорам, но одговор немам. Ќе успеам да одгворам некогаш? Ќе успеам ли? Или најубави остануваат оние работи за кои не постои логично објаснување? За кои човекот нема логичен одгвор… За кои не може да се најде ниту еден логичен одговор…
Јас дури и да успеам некогаш да си заминам, знам дека секогаш некаде во тебе ќе останам заробена. Оти сум се распослала во умот твој. Нема да речам во паметот, оти ова нашево е надвор од памет. Така сум се распослала таму, па ти се будиш со мене во мислите. Јас сум првиот твој утрински зрак. Јас сум ти светлина и кога е најтемно. Можеби си заслепен од мене, ко што јас сум се заслепила од тебе. Ама ако. Нека. Пред некои луѓе вреди да се затворат очи. За некого вреди да се биде слеп. Барем за ова нашево, вреди да се биде слеп.
Затоа, јас дури и да заминам, знам дека еден дел од мене секогаш ќе остане кај тебе. Некаде во душата твоја. Меѓу левата и десната комора од срцето. Тука некаде нешто ќе остане. Ко ти што ќе тлееш секогаш во мене. И врело кафе на утро ќе сум ти. И мирис на летен дожд ќе сум ти. И зимско студенило. И ледена кралица. И некоја заради која што ќе ги мразиш и ќе ги проколнуваш сите жени. И некоја што ќе жалиш што воопшто си ја сретнал. И некоја што ќе ти биде мило што барем си ја запознал.
Ама ако останам, дали ќе го извалкаме ова нашево? Дали ќе ти ја уништам детската душа? Дали ќе ме потсетиш зошто сум ги соѕидала ѕидините кои ги срушив за тебе? Јас ќе си заминам! Ќе ме уништи помислата на тебе. Ќе ме уништат фантазиите за тебе. Ова нашево, ова меѓу нас, колку и да е наивно и детски, колку и да е чисто, јас и ти може да го извалкаме. Ти си за мене забрането овошје. Забреното овошје кое ќе го гризнам. Дури и сè пепел да сторам. Дури и место во пеколот да си резервирам. Знам. Ти си моето забрането овошје кое јас со сласт ќе го загризам.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.