Се вртам на името твое

Јас на името твое се вртам.
Мислам дека некој те довикува,
Мислам дека околу мене си.
Дека до мене си.
Дека само чекор ме дели до тебе.
Дека допир ме дели од тебе.
Гледам околу секогаш кога некој ќе ти го спомне името.
Чинам, тука си.
А те нема.
Ќе дојдеш ли?
Ќе дојдеш ли некогаш?
Ќе те видам ли?
Ќе те допрам…
Дали некогаш ќе дојдеш
за да ме извечеш од мракот мој?
Или секогаш ќе се радувам на името твое.
Ама и ќе се плашам.
Што ако те сретнам?
Што ако помине кога ќе те сретнам?

Секогаш кога некој ќе го спомне името твое,
јас се вртам.
Мислам тука дека си.
И се плашам.
Се плашам од темнината во очите твои.
Се плашам од твојата искреност.
Од твојата чиста душа.
Јас од тебе се плашам ко од себе.
Ко мој да си, ако не си мој.
А ќе бидеш ли некогаш?
Што ако никогаш не бидеш мој?
Што ако не те допрам?
Што ако и тебе и мене нѝ помине?

Јас се вртам кога го слушам името твое.
И ме радува помислата што си дошол.
Ме плаши тоа што ќе те сретнам.
Се плашам од насмевката твоја.
Што ако станам зависна од неа?
Што ако ни се малку три дена и три ноќи
за да си кажеме сè што имаме?
Што ако веднаш се заситам од тебе?
Што ако ти се заситиш од мене?
Што ако јас не сум она што ти го бараш?
Што ако ти не си тој?

Јас се вртам на името твое
и не знам дали некогаш ќе ми помине.
И ништо од ова не можам да знам
дури не те видам.
Дури не те сретнам.
А сакам да те сретнам случајно.
Кога не очекувам.
Туку-така да никнеш пред мене
и илјада стравови да ми разбудиш.
Илјада копнежи да ми разгориш.
А јас само да се препуштам.
Да се препуштам на мигот.
Тебе да ти се препуштам.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?