Skip to content

Како секогаш – Драган Атанасов

Не буди ме

Подотворив око

За да се уверам

Дека светилките улични

Сѐ уште немаат згаснато.

Видов дека онаа

Ѕвездена сензација

Испарила со утринската роса

Но и сонцето видов

Дека мрзливо ќе биде денес

Го нема уште да се појави

Не буди ме.

 

Но јас сакав само

Јас морав веднаш

Да знам сега

Каде ќе одиме мил мој

Кој асфалт ќе го фатат

Гумите ова утро

Кој пат ќе го заодат

Нозеве наши.

Дали нови брда

Ќе запнеме со стенкање

Ко што знаеме

 

Само јас и ти?

Или жежок песок пак

Ќе газат нозеве наши

Низ некоја нова Сахара

Јас и ти

Како некогаш

Како секогаш.

 

А јас пак умрен за сон

Ама и за тој твој смев

И за тој твој глас

Што патот го осветлува

Што сонце не му треба

Па ќе чадам тутун и за миг

ќе дишеш сончевина

Ќе наполниме гради

Јас со мрак

Ти со светлина

За да не ги изгубиме

Нијансите помеѓу

Што среќа ни носат

Со четири листа

Детелина

Па ако низ брда фатиме

 

Од ракав песок ќе истурам

Ако пустина нѐ голтне

Бистри води ќе ископам

И дрво ќе засадам

Само да сме јас и ти

Како некогаш

Како секогаш.

Драган Атанасов

Напишете коментар