Тажни се очите твои. И кога гледаат во небото. И кога гледаат во ѕвездите. И кога мене в очи ме гледаат, тажни се. А сè што сакам јас во нив да видам е искра среќа. Сакам да те гледам да се радуваш. Да се радуваш како дете, кое живее некаде во длабочината на твоите очи, само малку си го подзаборавила. Ете затоа некогаш ти купувам шеќерна волна.
Сакам да гледам како со наивна, детска радост го земаш стапчето на кое е намотана шарената шеќерна волна. Нежно откинуваш со прстите од она што наликува на облак. Јас слушам како шеќерот ти се топи во усните. А ти си насмеана. Целата си полепена и не можеш ниту прстите, ниту усните да си ги долижеш. Слатка си ми ти мене, драга моја. Послатка си ми и од шеќерот на твоите прсти кога јадеш шеќерна волна и малку го будиш духот на тоа заспано дете во тебе.
Затоа некогаш ти кинам булки. Од оние црвени булки кои буквално никнуваат секаде. Убаво се сеќавам дека многу си ги сакала кога си била дете. Ама ти уште дете си, само како тоа да не сакаш да го видиш. Секогаш кога ќе земеш булка в раце ѝ ги туркаш лисјата на долу. Со насмевка во очите велиш дека наликува на црнокосо девојче во црвено фустанче. Наликува на девојче. На нежно, наивно девојче, како што си ти, драга моја.
Само, не сакам кога со сомнеж ги гледаш очиве мои. Јас пред тебе се соголив и ништо не сокрив. Не може да не ме познаваш. Не смееш да не ме познаваш, оти јас сум ист таков каква што си ти. Во твоите очи се огледувам како Месечина во море. Не вели дека не ме познаваш. Јас и ти сме си блиски еден на друг ко што се блиски месечината и морето. Се знаеме ко што се знаат металот и громот. А знаеш ти, драга моја, металот и громот и на крајот на светот да ги скриеш, дури и безброј пати да се обидеш да ги разделиш, тие пак ќе се спојат.
Затоа не барај ништо друго во очите мои. Внатре нема да видиш ниту една друга освен себеси. Престани да се сомневаш, драга моја. Јас пред тебе целиот свој живот го соголив, а ти пак не ми веруваш. Не сакаш да влезеш во кралството мое, а сепак си негова кралица. Затоа, не барај ништо туѓо во очите мои. Сè што се наоѓа таму е твое. Во нив нема да сретнеш ништо друго, освен себеси. Во нив единствено нешто што ќе сретнеш е љубов. Само љубов, драга моја.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.