На денешен ден е роден Петре М. Андреевски, академик, поет, писател, филолог и драмски автор. Го споделуваме следново видео вое кое тој накратко зборува за својата биографија. Започнува со раскажување и потсетување за селото Слоештица во кое бил роден. Ќе изјави дека “тоа е најчистиот период од неговиот живот“, парафразирано.
При присетувањето за неговиот пак во школувањето, ќе рече: „Мојата љубов за сликање пропадна од причини што општината не ми ги доставуваше поканите да се пријавам на приемен испит.“ Поради таа околност принудно се запишал во битолската гимназија. За среќа својата љубов кон сликањето ја пренасочува кон пишувањето.
Тешко дека ќе настанеа „Пиреј“, „Дениција“ и останатите дела доколку не се случиле тие околности при изборот на неговиот понатамошен пат во образованието. За цртањето ќе каже: „Тоа ми беше највозвишена радост, во сѐ и сешто, во секој предмет гледав некој недозавршен цртеж. Недозавршена слика што чека само на мене, да ја довршам.“
Кога не успеал да се запише во Скопје во уметничката гимназија, се запишал во гимназија во Битола. Тогаш вели: „Љубовта што ми беше при срце за сликарството да ја пренасочам, да ја врзам за зборот, се разбира за пишаниот збор. И тогаш сфатив дека зборот дава една поширока слика. Една послободна слика која може секој човек да ја дополнува и да ја доцртува, по свој избор и по свое наоѓање. Така една љубов се претвори во друга“.
За Петре и неговото дело во видеото зборува и академик Матеја Матевски
Во видеото за Петре зборува и неговиот современик – академик Матеја Матевски кој за него ќе рече: „Петре Андреевски и по обемноста на своето дело, а пред сѐ по вредностите на својата литература е во самиот врв на нашиот современ белетристички исказ. Неговата поезија е лирика на еден модерен поет чии стихови се вкоренети во земјата, во фолклорот, во битот, во судбината, во здивот нејзин. Непосредна, непатетична, чиста, спонтана и медитерански озрачена оваа лирика, за мене секогаш претставуваше празник на сликите, богатство на јазикот, раскош на исказот и распеаност на чувството како што беше онаа негова прекрасна книга, „За Дениција…“.
Некаде на крајот на видеото, за смртта Петре ќе рече: „Јас дури и кога пишувам за смртта, практично пишувам за животот. Смртта е само еден рационален дел од животот. Смртта е една неминовност, но јас за смртта никогаш не пишувам без да го елаборирам вистинскиот живот на нашиот човек. Всушност, јас сакам да го прикажам нашиот човек каков што е, и со сите темни и со сите светли страни. Но преку темната страна мислам дека повеќе ќе го доближам до светлото.“
На видеото во продолжение можете да го чуете автентично самиот Петре кај што раскажува.
Инспиративните врутоци од животот – документарен програм
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.