На денешен ден е роден Петре М. Андреевски – еден од најпопуларните македонски поети и раскажувачи

Петре Мито Андреевски (Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 – Скопје, 25 септември 2006) е македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.

Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател). 

Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Година дена по неговата смрт, на 9 октомври 2007, Поранешниот претседател на Република Македонија – Бранко Црвенковски, постхумно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.

Неговото книжевно творештво

Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.

Стихозбирки:

Јазли (1960)

И на небо и на земја (1962)

Дениција (1968)

Дални наковални (1971)

Пофалби и поплаки (1975)

Вечна куќа (1987)

Лакримариј (1999)

Книги со раскази:

Седмиот ден (1964)

Неверни години (1974)

Сите лица на смртта (1994)

Боеми (постхумно)

Романи:

Пиреј (1980)

Скакулци (1983)

Небеска Тимјановна (1988)

Последните селани (1997)

Тунел (2003)

Бежанци (постхумно)

Книгата драми (1984), во која влегуваат:

Време за пеење

Богунемили

Есеи:

Сегашно минато време (2006)

Стихозбирки за деца:

Шарам барам

Касни порасни (сликовница)

Награди

Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (два пати), „Рациново признание“ (два пати) и „Стале Попов“ (два пати).
Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

Овде можете да ја прочитате неговата песна Размисла – Петре М. Андреевски.

Овде можете да ја прочитате следнава Ако не си ти – Петре М. Андреевски.

На следниов линк може да се чуе рециталот на Кога ја љубев Дениција – Петре М. Андреевски (рецитал)

На следниов линк може да се чуе рециталот на Таа – Петре М. Андреевски.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели