Јас и хороскопот твој го проверувам. Не дека многу верувам во хороскоп. Не дека и ти нешто веруваш. Ама од некоја чудна причина, јас покрај мојот, секој ден го проверувам и твојот хороскоп. Во бестрага нека е! Нам дури ни хороскопските знаци не ни се компактибилни. И смешно ми е. И глупаво. Ама и убаво ми иди. Сакам да видам дали барем ѕвездите ни подготуваат некаква случајна средба. Дали ѕвездите ни се смеат? Дали мене ми се отепуваат од смеење оти почнав на нив да се надевам?
Некогаш смешна сум си дури и самата на себе. На тебе мислам додека се туширам. Додека топлината на водата ми ги отвора порите, а во нив се впива мирисот на ментол од купката. Дали вечерва ќе успееш да ме помирисаш? И почнувам да верувам во некои чудни изреки. „Внимавај што посакуваш, можеби ќе ти се оствари.“ „Кога нешто навистина сакаш, целата вселена прави заговор тоа да ти се случи.“ И така си редам чудни мисли во главава до бескрај. Ама дали внимавам што посакувам?
Штом сум почнала да верувам во хороскоп, во моќта на универзумот, во желби, во фантазии, јас воопшто не внимавам што посакувам. Јас да внимавав немаше тебе да те посакам. Тебе. Со крупни очи ко полна Месечина. И сакам од умов да те избркам. Да те заборавам. Да испијам чаша водка и да ми помине. Но и по неколку чаши водка не ми поминува. Не ми поминуваш. Па од реалноста се селам во светот на фантазиите и сè потешко ми станува од таму да си заминам.
Дали навистина толку силно јас копнеам по тебе? Или малку повеќе копнеам по чувството кое го имам во врска со тебе? По тебе јас копнеам или копнеам по оној дел од мене кој во тебе го препознавам? Кога силно копнееш за некој, ти всушност копнееш по себеси. А јас токму по тој дел од мене копнеам. По чувството на слобода, што ми се буди крај тебе. По пеперутките во мојот стомак, што не мируваат кога си околу мене. По дивоста што ја чувствувам кога прстите твои се плеткаат низ моите локни. По тебе јас копнеам или по себе? Не е веќе ни важно. По што и да копнеам, копнежот страшно ми годи.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.