Секоја жена барем еднаш во животот се обидела во главата да состави слика на идеален маж за нејзе. Скроен по нејзина мера, со сите параметри, доблести и маани. Каков е тој идеален маж кој го посакува секоја жена? Еве сега во продолжение ќе пробам да го опишам.
Идеалниот маж кој го посакува секоја жена не е најубавиот и највисокиот, ниту тој со сините очи. Не е ниту оној кој има две-три вили во три различни градови. Не е ниту оној што е богат и има огромна сума на сметка во банка. Не е ниту оној што го вози најновиот и најскап автомобил. Тргнав да го опишам идеалниот маж, а набројав што сѐ тој не поседува.
Идеалниот маж кој го посакува секоја жена е тој што има срце огромно како карпа дури и ако му се празни џебовите, но сака само една жена. Оној што има очи само за една (колку и да звучи невозможна мисија ова), а неговите очи не ни сакаат друга поинаку да погледнат. Тој ја гледа само таа неговата, на еден единствен, посебен и за нив познат начин. Има очи полни копнеж, почит, восхит и љубов кон жената што ја избрал. Уште поважно е таа да го избере него.
Таа го избрала оти за среќа се совпаднал во нејзиниот идеал за идеален маж. Идеалниот маж секогаш ќе ја слуша кога ќе му прераскажува случувања, макар и по десетти пат. Нема да му здодее да ги слуша нејзините поплаки и жалби, колку и да се непотребни и патетични. Навооружан е со трпение големо колку цел океан. И таа едната, неговата, никогаш нема да му стане здодевна.
Тој знае дека има поубави и попаметни од неа, ама пак си ја бира нејзе оти е скроена по негова мера. Неговите очи ја гледаат како најубавата девојка/жена на светот. И не му е проблем тоа да ѝ го покаже. Ниту да ѝ докаже дека таа за него е единствена девојка на светот. Не му е проблем ниту пред другите истото да го потврди, доколку е потребно.
Оти е горд на својата избраничка, на нивниот однос, комуникацијата и близината што си ја создале двајцата. Чиниш изградиле цела империја, па тој ја брани грижливо и воинствено. Идеалниот маж нема да дозволи никој да им ја сруши империјата изѕидана од среќа, тага, надежи, сонови, откажувања, одрекувања, заеднички желби, планови и иднина. Си ја чува својата “територија“ и не дозволува никој да застане помеѓу него и неа.
Иделаниот маж секогаш е тука за својата девојка/жена, во добрите мигови таа е среќна што ги дели со него. Во лошите гледа дека тој не се откажува од неа лесно, по никоја цена. Идеалниот маж си стои на зборот и ретко кога го погазува без да му е грижа за она: “арниот маж не си стои на зборот“. Не му е тешко да ѝ каже “те сакам“ и “ми недостигаш“, посебно кога знае дека тоа му е возвратено.
Идеалниот маж може и пред неа да се расплаче, но тој е истиот што е силен чиниш може и планина да помести. Ама само пред неа е нежен, кроток и ранлив, а по потреба се претвора во сѐ она таа што ќе посака. Таквиот маж оди со својата избраничка на шопинг, ѝ ги носи кесите од пазарувањето, без да каже еден збор. Дури и тој самиот се нуди да ѝ биде моден критичар, ако е потребно.
Идеалниот маж ги знае сите нејзини слабости, недостатоци и несовршености, но никогаш нема да ги искористи против нејзе. Ниту пак му пречат или му се важни. Зошто ѝ гледа директно во душата, во очите што универузми кријат, исти како неговите. Оти знае дека убавината е минлива, дека сѐ се менува и променува, само лошите особини потешко.
Тој знае дека не може да ја промени, а нема ни да се обиде да го направи тоа. Благодарен е за секоја минута помината покрај неа. Тој се бори за нивната врска/брак дури и после четири или четириесет години. Исто како на почеток. Ја освојува одново и одново, секој ден. Се труди околу нив двајца исто како на почеток. Не дозволува да им згасне жарот, огнот што се распламтил, го одржуваат заедно.
Ниту далечината ништо не им може, а плус тоа тој не испушта ден за да направи таа да се почувствува посакувано и единствено. Покрај него таа блеска, очите ѝ светкаат од радост, кожата ѝ сјае од љубов. Насмевката е печатот со кој се потпишува сѐ она што тој го прави за неа/нив. Не му останува ни таа должна, и таа има вина што тој е идеален маж за нејзе.
Тој не чека посебен повод за да ја изненади пријатно. Вниманието му е насочено максимално кон нејзе, таа е центар на неговиот свет. Заедно со неговито хоби или спортот со кои е опседнат. Но таа секогаш ќе биде негов приоритет, без оглед на сѐ.
Идеалниот маж ѝ е верен на една. Дури и во илјада прилики тој нема да се одлучи да ја изневери својата девојка/жена. Оти го почитува она што го имаат изградено со неа. Зошто се почитува и себеси и има правилен систем на морални вредности. Не го интересира што ќе кажат пријателите, најмалку па комшиите или роднините. Се слуша себеси, своето срце и разум.
Идеалниот маж не е зависен од многу пороци, а најидеално е кога нема ниеден. Тој никогаш не би ја ставил љубовта на коцка. Ниту па сака да си игра со срцата на женските околу него. Но и те како би играл руски рулет (како во песната на Тоше) за неа ако е потребно. Да, тој ѝ живот би дал за онаа што вистински ја љуби. Оти таа е онаа истата која би откинала парче од срцето и истото на дланка би му го поклонила.
Ете затоа треба идеалниот маж и идеалната жена да завршат заедно. Создадени се еден за друг, животите би си ги дале ако треба. Следи разочарување: идеалните мажи во денешно време се ретки, но за среќа сѐ уште постојат. Тие се како некој ендемски вид, но убедена сум дека секој маж може да стане идеален доколку вистински ја сака онаа покрај него. Таа за него идеалната, скроена по негова мера.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.