Skip to content

Грмотевици

Сите се плашат од нешто. И најчесто сами луѓето си ги избираат своите стравови. Таа својот страв најверојатно си го избрала одамна. Уште како малечка. Додека главата си ја вовлекувала под прекривките додека надвор светкало и грмело. Силно си ги стегала ушните школки за да не слуша дека грми. Срцето ко на зајаче ѝ биело во градите. И само чекала. Чекала бурата да претера. Да се разведри. Да изгрее сонцето. На небо да излезе виножитото.

Сфатив дека ја сакам кога почнав да мислам на неа додека грми. Јас уживав во глетката. Убаво е да се гледа како силите на природата си поигруваат со небото. Ама некогаш пред очи ми излегуваше сликата на исплашената девојка која се крие во ќошот од својот кревет со прекривката навлечена врз главата. Некогаш ѝ се јавувам само за да ѝ кажам дека ќе помине. Некогаш за да се пошегувам со нејзиниот страв. Некогаш ја барам откако бурата веќе претерала само за да се осигурам дека стравот не ја уништил.

Еднаш имав прилика да влезам во нејзината соба додека надвор светкаше и грмеше. Темно беше внатре. Од нигде не продираше светлина. За да не гледа дека светка надвор. Прекривката ѝ беше навлечена преку глава, а таа беше стуткана во ќошот од креветот. Се доближив до неа. Ја прегрнав. Не реков ништо. Таа ја тргна прекривката. Ми покажа што стега в дланка. Привезокот кој еднаш ѝ го поклонив. “Ме чува привезокот и кога тебе те нема.” Тогаш разбрав колку таа ме сака. Само ми се стопи в прегратки. Се препушти. Сигурна беше во мене ко што е сигурна дека зад облаците небото е секогаш сино. А ако жената ти се предава во своите најголеми стравови, тогаш сигурно те сака. Јас тогаш разбрав колку таа ме сака мене.

Напишете коментар