Има луѓе кои работат ноќе. Трета смена. Дежураат на рецепција. Работат во фабриките. Работат во кафаните. Свират или пеат во клубовите. Писателите, како многу други уметници често работат ноќе. Ноќта е инспиративна. Има различна енергија. Кога многу светла ќе се изгаснат и многу очи ќе се затворат и ќе потонат в сон, домаќините на ноќниот свет излегуваат и ги посетуваат будните.
Границите не се поместуваат, но можат да се прескокнат. Ноќните птици со својот вид го воочуваат она што денски не можат да го видат. Сите хорор приказни се случуваат на мракот. Сите тајни љубовни средби се случуваат ноќе. Месечината е сведок на единствените вистински љубови. Ѕирка многу љубовници. Сведок е на безброј неверства. Сите магиски ритуали бараат Месечина, ѕвезди и свеќи. По нешто од сето ова чувствува оној кој останува буден и чувствува дека не е сам.
Присуството на разни ентитети и енегрии на вечер е поочигледно. А можеби и тие енергии и ентитети се ноќни птици. Денски се повлекуваат и мируваат. Ноќта е време во кое танцуваат музите, вештерките и демоните. А будните се тука за да просведочат. Да почувствуваат. Да забележат. Ноќе се ежите и од најтивкото шушкање. Некогаш чувствувате дека не сте сами.
За време на ноќта се среќавате со самите себе. Безразлика дали спиете и извлекувате пораки од вашите соништа. Или ве надвладеал креативниот процес, па творите цела ноќ. Музите не им даваат мир на своите миленици. И доколку не успеете вечерва, можеби токму утре ќе се пронајдете себеси.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.