Skip to content

Вечер нема да ги измијам садовите

“Вечер нема да ги измијам садовите.” Рече секоја жена на светов истовремено и милијардите крпи стегнати в раце беа фрлени; на гранитот, на земјата, на мермерот, во чешмата, во реката и мијалникот.

Беше црна ноќ, тивка, глува, мртва, чиста од човечки звуци. Штурчиња, утови и разни други ноќни птици потпевнуваа серенади на Месечината додека ко деца си ги прибираше до неа ѕвездите. Одеднаш “Тап. Тап. Тап.” Се зачуја чекорите на секоја жена на светов истовремено. Штикли, патики, папучи, боси нозе одекнуваа низ небесата паничејќи ја машката популација. Жените ноќе веќе не газеа сами туку сите заедно. Во толпи, во групи, во јата и глутници. Не правеа ништо. Ни протести, ни журки, ни игранки. Само во тишина чекореа и се восхитуваа на убавината на ноќта и сѐ во неа; на дрвјата, на ѕвездите, тревата, снеговите и пустините, на тишината и музиката и шокираните погледи на мажите застанати на дистанца кои излегуваа од секаде; Од куќите, од зградите, од зад дрвјата и ѕидовите мрморејќи меѓусебе:

“Што ли прави мајка ми, жена ми, сестра ми, комшивката, онаа чудна жена од долната улица?” Стравот од незнаењето полека се ширеше ко чума и доаѓаше кон машкиот свет исто ко повисоките плати, права и места на скалата во општеството што си ги беа дале на себеси. За кратко се активираа, новинари и војски и полиции, уплашени од толпите на жени излезени; на улици, на калдрми, на песоци, на планини. Ја немаше веќе онаа машка храброст на растварање со која “посилниот” пол се гордееше.

“Раце горе!” Извикаа униформираните вперувајќи ги оружјата во жените додека цивилите наоколу гледаа; по пижами, по долна облека, размрсена коса; гологлави, со турбани,  со фесови, со капчиња.
“Што се случува?!” Одекнаа гласовите на мажите ко еден и ноќта тивка, глува, мртва наеднаш стана страшна, опасна, хаотична. “Прашувам, што се случува?! ” Извикаа мажите повторно и гласот како да одекнуваше во секое дупче; мало, големо, шупливо, заѕидано.
“Само сакав еднаш навечер да прошетам сама.” Рече секоја жена на светов истовремено, погледнувајќи наоколу зачудено.

Прочитајте го и расказот “Љубов изградена”.

Напишете коментар