Skip to content

Будење во поубава реалност

Ако за денот што изминува не си благодарен нема да ја цениш ноќта ниту пак ќе се радуваш на новото утре. Некој можеби ќе си рече: „Како да се радувам на ноќта или на новиот ден кога имам еден тон проблеми?“. Тогаш следново прашање треба како одговор да кликне во неговата глава: „Бидејќи некој нема буден ни да ги дочека оваа ноќ или следните утра што следуваат!“

Во моментите кога сме најкревки се гледа нашата сила. Звучи малку контрадикторно, нели? Меѓутоа тука се содржи целата поента на собраната храброст која извира токму тогаш кога не ти преостанува ништо друго освен неа. Сфаќаш дека си посилен отколку што си мислел во најтешкиот период.

Кој немал тежини во животот? За жал никој не е поштеден од тешкотијата што се вгнездува меѓу животните судбини терајќи ги луѓето да прашуват: „Зошто баш јас?“, „Зошто токму мене ми се случи ова?“.  Некогаш одговор не може да се најде макар и да го бараш деноноќно. Вистината преточена во одговори која се обидуваш да ја најдеш се сведува рамно на “сизифов камен“.

Соочен со предизвикот и немањето посакувани целосни одговори, продолжуваш понатаму. Исправен си пред сите следни предизвици бидејќи не ти е својствено да се откажеш. Ќе ти биде трема, ќе се делиш на парчиња внатрешно со трепетливи раце, понекогаш и нозе, но смело му погледнуваш на стравот во очи.

Убеден си дека стравот е страшен само кога му се плашиш. Затоа не покажуваш ни најмал знак дека си уплашен. Се правиш храбар и го надмудруваш тој зол непријател што се претвора во една голема кочница. Чиниш дејствува како автомобилска сопирачка при секој твој следен чекор, ако не му се спротивставиш.

Ништо не е посилно од тебе иако некогаш ти се чини дека сѐ е појако од самиот ти. Единствено животот и смртта се посилни од сите нас. Нив уште никој не успеал да ги надмине во сила. Она што можеме да го направиме е да ги прифатиме целосно некогаш и без обид за целосно да ги разбереме.

Се стишуваме и дозволуваме енергијата да протече низ нас, будејќи се во една подобра и поубава реалност.

Напишете коментар