Сини очи

Сум погледнала сини очи два пати во мојот живот. При чинот на моето повторно раѓање и пред твојата смрт.

Незаборавен поглед.

Поглед кој ништо не ветува. Само те тера на бесмислена смеа која те проголтува и те остава без здив. Без збор.

Се прашувам дали ќе добијам сила да погледам нечии други очи. Сини.

Не, не можам да ги гледам веќе луѓето во очи. Изгубив сила. Не сакам да ја наоѓам нивната душа.

Сакам само да ја најдам мојата. И на оние кои се до мене. Кои, за среќа или несреќа не се синооки.

Продолжувам секојдневно да чекорам по улиците. Го знам својот пат. Одам со наведната глава.

Животот ми ги повторува истите приказни. Се повеќе и повеќе ми ја празни душата. Родната грутка ме враќа на истото место. Во истото време. Во времето на твојот живот.

Крвта се распрскува на сите страни и сега знам  дека постои насекаде.

***

„Каде си?“ – се прашувам, –  „Во облаците или во мислите? “

Те гледам како лежиш и ми се насмевнуваш. Го следам  твојот поглед  и се будам во бессознание без да знам дали постоиш или не.

Ја поддавам раката и го дофаќам моето Јас.

Јас сум Ти. Ти си Јас. Ние сме Јас и Ти. Те има онаму каде сум Јас. Брзам за да видам дали на тој начин ќе го достигнам твојот чекор.

Знам дека секогаш одиш напред без да погледнеш назад кон минатото. Живееш во иднината. И Јас со Тебе. Тука знам дека не постои реалност. Постои само фантазија.

А, се разбира фантазијата е Таа Госпоѓа којашто стално ме вика на кафе, понекогаш горко, а понекогаш благо.

Како во овој случај. Чувтвувам блажина во устата. Мора да сум изела локум. Зошто баш локум? Па….за твој спокој.

Денес знам дека утре нема да ја чувствувам блажината. Знам, зошто утре ќе ми биде горчлив ден.

Ќе станам и нема да го видам твојот лик. Во зениците на моите очи. Ќе биде само во измислената приказна на овој расказ.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!