Љубов изградена

Убаво е кога градиш љубов. Отпрво не ни сфаќаш и онаа леснотија со која се смееш и мирот и нежноста што те обзема му ги припишуваш само на блискоста и добрата конверзација.
‘Ме разбираш ко никој.’ Велиш и не размислуваш подлабоко.
‘Души близнаци.’ Се засмејува и не удираш варда, туку по долги години ти текнува што всушност се кажало на смеа, а можеби било вистина и што е најтрагично, не ти е ни на крај на памет таа варијанта.

Штом градиш љубов, полека ко Џенга кула, нешто и во душата ти се зацврстува. Паѓаат во вода сите романси и сите новели во кои хероината за две секунди се заљубува, а во третата се венча. Штом градиш љубов, ко вечно лето во тебе останува, а сите пеколни зими претходни се топат ко да не биле тука.
Сонцето грее и гали и бакнува. Седнати сте под крошната и лупи мандарина, кога те удира реалноста на зборовите што ти се меткаат веќе некое време во потсвеста, а во тој момент излетуваат ко автомобил без кочница.

‘Леле колку те сакам еј. Не ни разбираш.’ Се смешка и ти подава парче мандарина. Некоја си стара симболика и свесна си дека и да те запроси со овошјето, ќе прифатиш.  Јасно ти станува дека мирот што си го барала ти стоел пред очи, позади секој пијан муабет и засмејување, позади секое гледање на филм и преспивање и штом ти светне тоа во главата, разбираш дека ништо друго не ти треба, зошто ниедна друга не може да се спореди со таа љубов  неприметно, низ години градена.

Прочитајте го и расказот Сакам понеделници!

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!