Томе Арсовски (Косовска Митровица, 23.9.1928 – Скопје, 21.4.2007) – поет, раскажувач, драмски автор, преведувач. Долги години работи како драматург во Македонската радиотелевизија, а член е на ДПМ од 1959 година. Дебитира со стихозбирката „Грст смеа” (1958), но вниманието на македонската критика го свртува вистински со својата прва драма „Александра” (1958).
Автор е на голем број драми, кои ја практикуваат поетиката на лирско-реалистичкиот и психолошко-реалистичкиот дијалог. Неговите драмски текстови може да се групираат во три групи: драми со историски теми, ангажирани современи драми и комедии, а драмите „Парадоксот на Диоген”, „Обрачи” и „Чекор до есента” претставуваат своевидна трилогија за парадоксалниот јунак ситуиран во современо време и во сосем конкретна современа средина. Од осумдесеттите години на ХХ век се свртува кон творештвото за деца и објавува голем број романи.
Дел драми: Матурска вечер (1964), Обрачи (1965), Чекор до есента (1969), Скок преку кожа (1976), Благиот допир на љубовта (1984); комедии: Бумеранг (1969), Убавината чекори сама (1974); телевизиски драми: Грст среќа (1962); Стотиот чекор (1964), Грдиот нарцис (1964), Коктел за четворица (1970), Залез над езерската земја (1973).
Парадоксот на Диоген
Драмата „Парадоксот на Диоген“ е еден од позначајните драмски текстови во македонската книжевност воопшто. По својата надворешна форма е судска драма. Таа е конципирана како судски процес низ кој се иследува степенот на вината на главниот лик во оваа драма, младиот инженер Драшко Каровски. Како проектант на хотелот „Сплендид“ и негов непосреден изведувач, Драшко Каровски е обвинет за неговото уривање во кое ги загубиле животите двајца луѓе и е направена голема материјална штета. Јатката на целокупното драмско дејствие во драмата е прашањето дали воопшто е виновен Драшко Каровски и колку за својата вина е виновен самиот, а колку социјалната средина во која тој опстојува.
Дејството се случува во Скопје, во шеесеттите години од XX век. Тема на драмата е животот на младиот Драшко Каровски, неговиот подем и пад, а идејата, поврзана со Диоген – моралното пропаѓање на една личност и губењето на сопственото јас. Диоген бил антички филозоф кој сред бел ден одел со запален фенер во потрага по човек.
Во судскиот процес не се разгледува само вината на Драшко, туку преку многу реконструкции се проследени делови од животот на главниот лик кои придонеле за несреќата. Тука се судат сите: општеството, пријателите, колегите, роднините, зашто се дел од животот на Драшко кој од скромен, чесен и занесен идеалист го прават лаком и суетен материјалист.
Ликови во драмата
Освен Драшко, ликови во драмата се: Даница, неговата жена, која не ја сака, а се оженил со неа за да ја спаси од „улицата“ и која му родила два сина; Мајка му и татко му Никола, кои премногу му се мешаат во животот; Владимир Крстин – Борски, директорот на Заводот за висока градба, кој верува во квалитетите на Драшко и го „разгалува“ со попустливиот однос кон него; Алексеј Кондарко, универзитетски професор, Борика Корда, колешка од Словенија, љубовта на неговиот живот, која доаѓа во Скопје заради Драшко и останува иако тој се оженил со друга; Данчо, градежниот техничар, Славко, загинатиот палир, Судијата, Обвинителот, Бранителот, Судскиот писар и др.
Главното дејствие
Јатката на целокупното драмско дејствие во драмата е прашањето дали воопшто е виновен Драшко Каровски и колку за својата вина е виновен самиот, а колку социјалната средина во која тој опстојува.
Еден предлог за следна книга за читање од нас и секако може да го погледнете и македонскиот телевизиски филм од 1975 година со истиот наслов. Го режирал Ацо Алексов, а сценариото го напишал Томе Арсовски.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.