Грчка митологија Занимливости и информации Митови и легенди

Легендата за Диоген од Синопа и Александар Велики

Средбата на Диоген од Синопа и Александар Велики е една од најдискутираните анегдоти во историјата на филозофијата. Постојат многу верзии за неа. Најпопуларните се доказ за непочитување на честа, богатството и почитта од страна на Диоген кон Александар.

Починале на ист ден

Плутарх и Диоген Лаертиј ни кажуваат дека Александар и Диоген починале на ист ден, во 323 година п.н.е.  Иако ова трврдење е сомнително (бидејќи датумот на смртта на ниту од овие двајца не може да се потврди), анегдотата и односот помеѓу двете лица, биле тема на многу литературни и уметнички дела низ вековите, од списите на Диоген Лаертиус до драматичната реконструкција на средбата на Дејвид Пински од 1930 година, Aleḳsander un Dyogenes.

Тука се и записите од средниот век, неколку дела на Хенри Филдинг и можеби дури и влијаела на Кралот Лир на Вилијам Шекспир.

Диоген од Синопа (413-323 г. п.н.е), грчки филозоф

Диоген од Синопа (413-323 г. п.н.е), грчки филозоф, е највпечатливиот претставник на сократовата школа на цинизам. Восхитен од предавањата на Антистен, грчкиот претставник на аскетизмот, инаку ученик на Сократ, му се придружил во неговото филозофско учење. Се згрозувал од животот на Атињаните кои претерано живееле во изобилство и неконтролирано го расфрлале својот имот.

Така и заживеала неговата идеја за апсолутен цинизам, според која и го ориентирал својот живот. Единствениот негов имот биле една тога, стап, дрвено буре (во кое и спиел) и сад во вид на чаша од кој пиел. Кога еден ден видел како децата пијат вода од своите дланки, сфатил дека ни чашата не му е потребна, па ја фрлил. Неговото животно учење било дека човекот треба да живее само со она што му е неопходно за живот, со соодветна самоконтрола.

Мразел корупција и заговори

Ги мразел корупцијата и заговорите во своето општество, па така еден ден излегол на главниот плоштад во Атина велејќи „Го барам човекот“, сметајќи дека во состојбата во која се наоѓа тогашното општество, го немало вистинскиот човек, туку сите биле подредени на моменталната ситуација.

Често бил гостин и на предавањата на Платон, каде секогаш настојувал да му се спротивставува во мислењето, па во една прилика се случило Платон да каже дека човекот е суштество без крилја и пердуви… објаснувајќи дека умот на човекот е нешто што е на прво место. Диоген излегол надвор, го искубал првиот петел на кој наишол, влегол во просторијата во која Платон држел предавање и рекол: “Еве го човекот на Платон“.

Легендата според Диоген Лаертиј

Александар Велики по доаѓањето во Атина (откако ја освоил) го посетил Диоген во неговото дрвено буре на главниот плоштад, откако претходно ги слушнал интересните приказни за него. По доаѓањето, Александар го затекол Диоген како спие. Го разбудил, му се претставил и го прашал дали може нешто да стори за него. Диоген само одговорил: „Тргни ми се од сонцето.“Восхитен од таа реакција и едноставност, Александар Македонски рекол: „Да не сум Александар Велики, би бил Диоген од Синопа“.

Различни верзии на легендата

Постојат многу различни верзии за она што Диоген се претпоставува дека му го одговорил на Александар. Според Цицерон, Диоген му одговорил на Александар со зборовите: „Сега тргни барем малку од сонцето“.  Според Валериј Максимус, Диоген одговорил: „За тоа подоцна, сега сакам да не стоите пред сонцето“.

Изјавата на Александар, „Да не сум Александар Велики, би бил Диоген од Синопа “, исто така, се појавува во некои други верзии од анегдотата.

Диоген – “Canis philosophae”

Народот Диоген го нарекувал и “Canis philosophae” – филозоф куче, поради коските, и животински и човечки, кои се наоѓале во неговото буре и околу него. Иритиран од нивните зборови, во една прилика поминувајќи покрај нив, се измокрил на дрвото што било пред него, имитирајќи куче. Постои легенда која зборува дека и Александар го прашал што прави со толку коски, а овој му одговорил дека ги бара коските на својот татко, но не може да ги разликува од коските на робовите – што секако имало своја филозофска порака.

Меѓу бројните занимливости од животот на овој филозоф е и неговата реченица: “Јас сум граѓанин на целиот свет!“, според што станал првиот забележан космополит во историјата. Неговиот живот детално го истражувал и го запишувал, неговиот истоименик Diogenes Leartius.

Прочитајте ја и  Легендата за Пирин планина.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје